ОД ОВОЈ МЕСЕЦ: Студентскиот дом “Кузман” го исфрла мазутот и ќе се грее на парно

403

Ова го најави заменик министерот Јани Макрадули на четвртиот од серијата отворени денови на “Планот за чист воздух”. Тој појасни дека со приклучувањето на топловодниот систем, Домот ќе ги намали трошоците на околу 5,38 милиони денари, што е за речиси 2 милиони денари помалку


Студентскиот дом “Кузман Јосифовски – Питу” во центарот на Скопје ќе се поврзе на топловодната мрежа. Како што најави заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули, активноста за поврзување ќе се случи овој месец.

– Во моментов во домот престојуваат 490 студенти. Затоплувањето на просториите се врши со мазут за што во зимскиот период се потребни 230 тони што е годишен трошок од 7,1 милион денари, од кои пет милиони ги покрива државата. Со поврзувањето на топлинскиот оператор трошоците ќе се намалат на околу 5,38 милиони денари – истакна Макрадули на четвртиот од серијата отворени денови за иницијативи на граѓански организации, кој се однесува на “Планот за чист воздух” за 2019 година и временската рамка за спроведување на истиот, што се одржа во Владата.

Тој најави дека следна активност што ќе биде преземана е концептот “Зелен лист – воздух чист”.

– Се работи за иницијатива на Факултетот на земјоделски науки и храна и Шумарскиот факултет во Скопје во секоја скопска општина, односно во по едно основно училиште и во една градинка, да се создаде парк од студентите. Таму да се засадат садници кои се автохтони и се произведуваат во Македонија, од опитното поле на нивниот кампус кој е 63 хектари. Предност ќе имаат градинките и училиштата што се граничат со прометни сообраќајници, а целта е да се направи зелен 6ид како што е помеѓу Клиничкиот центар и булевар “Водњанска” – нагласи Макрадули.

Овие активности се дел од четирите компоненти на кои се базира Програмата за намалување на аерозагадувањето, а тие се: директно справување со изворите на загадување, креирање јавна свест, од предучилишна до пензионерска возраст, промени во законите што се неопходни и имплементација на Платформа за кооординација и следење на реализација на програмата.

– Целта на Програмата во 2019 година е како да стигнеме до повеќе корисници кои нема да загадуваат. Граѓаните, голем дел од нив, не сакаат да загадуваат, но за жал социјалниот статус е таков каков што е, а наша обврска е како да понудиме алтернатива, како што е замена на неефикасните печки за сиромашните домаќинства, како и поврзување на сите јавни институции на топловодниот систем – рече Макрадули, кој побара од невладините организации да помогнат во придобивањето на што повеќе граѓани кои ќе решат да ги заменат нееколошките со еколошки средства за затоплување.

Шефот на кабинет на градоначалникот на Град Скопје, Никола Наумоски се осврна на активностите што ги преземаа нивниот Инспекторат, на раззеленувањето, загревањето на домовите и транспортот. Наумоски соопшти дека во следниот период ЈСП “Скопје” треба да распише тендер за набавка на нови 40 еко автобуси на гас. Поголемиот дел од нив, како што рече, ќе бидат дводелни место двокатни и ќе превезуваат повеќе патници. Наумоски најави дека оваа пролет ќе биде отворен нов парк зад Македонска филхармонија и на поставување на зелен кров на Градскиот трговски центар.

Ана Чоловиќ Лешоска, од здружението “Еко-свест” истакна дека половина од анкетираните граѓани се подготвени да направат промена на начинот на греење, ако за тоа добијат финансиска поддршка од државата, но и да учествуваат во акции за садење дрвја.

– Свесноста кај граѓаните расте што е позитивен пример за справување со проблемите со загадувањето – рече Чоловиќ-Лешоска.

На отворениот ден во Владата присуствуваа и претставници од повеќе невладини организации, како „Еко-свест“, „Гоу грин“, „Гринер“, „Еко скоп“ и „Еко герила“ од Тетово, кои имаа свои презентации. Побараа надлежните да изнајдат начин и да им помогнат на мали и микро претпријатија да го променат начинот на греење, да се работи на климатските промени, да се обезбедат монтажни живеалишта за семејствата кои живеат во супстандардни услови во скопските населби. „Еко герила“ предлага да им се помогне на претпријатијата Полошкиот регион, кои произведуваат мебел. Според нив, тие го загадуваат воздухот со тоа што се грејат на она што ќе им преостане од работата и потребно е да постават филтри. Сметаат дека потребно е да се отвори и претпријатие за производство филтри во Македонија за да не се увезуваат од други држави.
(С.Бл.)