Од март минималецот 18.000 денари, кривично дело е ако не се зголемат и останатите плати

Договорени се и нови критериуми за усогласување на минималната плата. Таа ќе се формира како 50 проценти од порастот на просечната плата и 50 проценти од индексот на трошоците на живот, а исфрлен е условот платата да следи и 50 проценти од растот на БДП, што се смета за неповолно, зашто во изминатиот период бруто-домашниот производ паѓаше. Со овој начин на пресметка до 2026 година минималната плата ќе се искачи на 22.000 денари, вели вицепремиерот Фатмир Битиќи

4166

На сметките на 80.000 работници, колку што се на минимална плата, во април наместо сегашните 15.200 ќе легнат 18.000 денари. Синдикатите, работодавците и Владата по неколкудневни жестоки преговори во Економско социјалниот совет се договорија за вакво зголемување на минималната плата почнувајќи од мартовската, со тоа што зголемената плата ќе се потпомогне со 16 милиони евра од државниот буџет со кои до крајот на годината ќе се субвенционира дел од придонесите. Договорената минимална плата од 18.000 денари не е 60 проценти од просечната, како што бараше Сојузот на синдикатите на Македонија, туку 62 процента.

Освен ова, социјалните партнери договорија и нови критериуми за усогласување на минималната плата. Таа ќе се формира како 50 проценти од порастот на просечната плата и 50 проценти од индексот на трошоците на живот. Од методологијата е исфрлен условот платата да следи и 50 проценти од растот на БДП, што се смета за неповолно, зашто во изминатиот период бруто-домашниот производ опаѓаше. Има и дополнителен критериум, уделот на минималната во просечната плата задолжително да биде над 57 проценти.

Според вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи со оваа нова методологија за пресметување, минималната плата до 2026 година би изнесувала 22.000 денари.

-Имаме проекции како ќе се движи минималната плата до 2026 година. Сепак, тоа се проекции што се поставуваат на ниво на различни макроекономски фактори. До 2026 година минималната плата ќе биде 22.000 денари само со усогласување, без никакво интервенирање, изјави тој.

Задоволство од методологијата изрази и претседателот на ССМ, Дарко Димовски, кој појасни дека според неа минималецот ќе се усогласува секој март и треба да доведе до достоинствена плата.

Од ССМ, кој е иницијатор за вакво зголемување и пресметување на минималната плата условувајќи го со штрајкови, блокади на патишта, фабрики и институции, изразија задоволство од исходот на преговорите. Но, како што вчера рече Димовски, писмено ќе се обратат до институциите за да ги потсетат дека по зголемувањето на минималната плата, треба да се зголемат и другите плати. Тој вели дека тие плати не смеат да се доближат до минималната.

-Апелираме до работодавачите, доколку не го употребат член 8 од Законот за минимална плата, според кој со минималната плата се зголемуваат и останатите плати, прават кривично дело, вели Димовски.

Тој ги потсетува работодавците и дека минималната плата од 18.000 е само основата плата. На неа треба да се додаде додатокот за стаж од 0,5 проценти за секоја година, потоа додаток за работа во смени, за прекувремена работа и за работа на празник и во недела.

-Ако некој добие плата од 18.000 денари, значи дека не му се впишани сите овие додатоци, појаснува Димовски.

ССМ си ја заврши работата, вели тој и ги повикува гранските синдикати и синдикалните организации да направат анализа колку работници примаат минимална плата но и да се погрижат за скалесто зголемување на другите плати според членот 8 од Законот за минимална плата. Работниците во фирмите во кои нема синдикати ги повика синдикално да се организираат за да не дојде до уравниловка.

Според премиерот Димитар Ковачевски кој присуствуваше на седницата на ЕСС на која се постигна договорот зголемувањето на минималната плата во најголема мера ги опфаќа вработените во микро и малите претпријатија, трговијата, преработувачката индустрија и други важни индустрии во земјата.

Работодавачите, пак, очекуваат поголема продуктивност од работниците, а допрва ќе ги прават анализите за тоа какви реперкусии ќе имаат врз работењето од зголемувањето на платите.

-Ова е нова одлука за нас, со нови методологии и нов пристап. Од таа причина ќе мора дополнително да го консултираме нашето членство и да излеземе со став по однос на реперкусиите врз работењето. Како што вети и Синдикатот, очекувам да останат доследни на својот збор дека работниците задоволни од минималната плата ќе придонесат за зголемување на продуктивноста, рече претседателката на Организацијата на работодавачи, Владанка Трајкоска.

Вицепремиерот Битиќи, пак, задоволен од исходот на преговорите вели дека на 13 проценти од вработените кои примаат минимална плата со ова им се помага да се извлечат од прагот на сиромаштија.

Инаку, ССМ има уште едно барање, чија реализација ја условува со штрајкови и протести низ државата. Тоа е потпишување колективен договор за јавниот сектор, со кој сите вработени во тој сектор би добивале К-15. Според Димовски, тоа прашање е отворено на седницата на ЕСС, на која од Владата најавиле анализа на бројот на вработени кои треба да добиваат регрес за годишен одмор и на сумата што ќе треба да се издвои, па на таа тема се очекува социјалните партнери овој месец уште еднаш да се состанат.

(С.В.)