Од март интензивна дигитализација на документи во Државниот архив

116

Процесот на компјутеризација, доопремување и создавање на современи услови за работа во Државниот архив и во деветте одделенија на Архивот низ земјата е во тек, а од март треба да почне и интензивен процес на дигитализација. Според директорот на Архивот д-р Емил Крстески, Скопје, Прилеп и Штип ќе бидат центри од кои во наредниот период ќе се управува со дигитализација на архивскиот материјал со кој располага нашата држава.

„Голем дел од потребната опрема е набавен, тука мислам на компјутери , скенери, печатари, а до крајот на март треба да биде набавена и останатата опрема. Се работи меѓу другото и за пософистицирани машини за скенерање на мапи, да се изработи софтвер и да се изврши обука на кадрите со кои располагаме, со цел да имаме успешен старт. Така, поинтензивна дигитализација очекуваме да започне веќе во март, а тоа значи и поголема достапност на граѓаните до архивскиот материјал“, вели Крстески.

Тој додава дека со дигитализацијата која ќе се врши во Скопје, Прилеп и Штип ќе се покријат и другите одделенија на Државниот архив.

„Во наредните две до три години дигитализацијата ќе се одвива интензивно, но тој процес никогаш не завршува. Постојано ќе има материјали кои ќе се носат и од приватни лица, од државни институции, општини…, тоа е всушност нашата историја.  Многу е битно да фатиме чекор со европските процеси, бидејќи секаде во светот овој процес е во завршна фаза. До сега во Државниот архив, е дигитализиран голем дел од Османлискиот период, 98 проценти“, додава Крстески.

Инаку, неодамна во рамките на отворената недела на Државниот архив, ширум беа отворени вратите за посетителите.

„Целта е да бидеме поблиску до граѓаните и архивот да биде демистифициран. Поточно,  да биде подостапен и до ученици, студенти, научници и истражувачи- домашни и странски. Во план е и кон крајот на март, почеток на април ова да го повториме и да стане пракса. Сакаме да ги мотивираме младите и тие да се запишуваат повеќе на историја и архивистика, бидејќи досега имаше слаб интерес кај младите, а со тоа и помалку кадар кој ни е потребен“, додава Крстески. (Д.Т.)