Еден од најисчекуваните настапи на Олимписките игри во Токио беше оној на 43-годишната трансродова кревачка на тегови – Лорел Хабард.

Новозеланѓанката, која во јуниорските денови соборуваше рекорди во машка конкуренција, настапи во женска категорија во над 87 килограми и го носеше статусот фаворит за медал. Таа имаше три неуспешни обиди, прво со 120 килограми, потоа два со 125 килограми и рано испадна од натпреварувањето.

Многумина го сметаат појавувањето на Хабард на Олимпијадата како пресвртница за еднаквоста на трансродовите луѓе. Таа беше првата што се натпреваруваше во индивидуална конкуренција на Олимписките игри.

Инаку, Хабард се натпреваруваше во машка конкуренција до 2013 година пред да го смени полот и да започне да се натпреварува во женска конкуренција. Тоа беше овозможено откако Меѓународниот олимписки комитет во 2015 година ги промени правилата според кои трансродовите луѓе можат да настапат на Игрите, додека нивото на тестостерон е под дозволеното.

Хабард го исполни тој услов, но нејзините конкурентки беа огорчени од фактот дека ќе се натпреваруваат против неа во Токио.