Во декември 1922 година грчкото кралско семејство беше протерано и 18-месечниот Филип бил евакуиран со британски воен брод. Тој бил однесен во егзил во импровизирани јасли направени од кутија за портокали. Филип, всушност, бил далечен роднина на Елизабета. Тие биле трети братучеди и таа призна дека се вљубила во него уште кога имала 13 години. Сопругот на кралицата секогаш одел три чекори зад неа во јавноста, но бил глава на фамилијата во приватниот живот.

Принцип Филип, сопругот на кралицата Елизабета почина денеска на 99 годишна возраст, објави Бакингемската палата. „Со голема жалост, Кралицата ја објави веста за смртта на нејзиниот сакан сопруг, Филип, Војводата од Единбург“, се вели во соопштение од Палатата.Кралското семејство со многу луѓе ширум светот жалат по загубата, се вели во соопштението од Бакингемската палата. Принцот Филип, кој во јуни требаше да наполни 100 години, во изминатиот период се лекуваше во лондонски болници поради проблеми со срцето.

Кралицата Елизабета(94) во 1947 година се омажи за принцот Филип. Во ноември минатата година, Елизабета и Филип одбележаа 73 години брак.

Тој е роден на кујнската маса во грчката кралска резиденција на Крф на 10 јуни 1921 година и е најмалото дете и единствениот син на принцот Андреј од Грција и принцезата Алис од Батенберг. Во декември 1922 година грчкото кралско семејство беше протерано и 18-месечниот Филип бил евакуиран со британски воен брод. Тој бил однесен во егзил во импровизирани јасли направени од кутија за портокали.

Неговиот татко подоцна го напушта семејството поради коцкарските маси во Монте Карло, додека неговата мајка доживува нервен слом и заминува во женски манастир, оставајќи го Филип да биде префрлан меѓу разни роднини во различни европски земји.

За време на Првата светска војна, принцот Луис од Батенберг, дедо на принцот Филип, го смени презимето во Маунтбатен. Принцот Филип го прифати ова име и се одрече од својата кралска титула со цел да се ожени со принцезата Елизабета.

Филип, всушност, бил далечен роднина на Елизабета. Тие биле трети братучеди и таа призна дека се вљубила во него уште кога имала 13 години. Во јули 1947 година беше објавена свршувачката на поручникот Филип Маунтбатен со принцезата Елизабета. Четири месеци подоцна, на 20 ноември, тие се венчаа во опатијата „Вестминстер“.

Кралицата и принцот Филип имаат четири деца. Принцот Чарлс, принцот од Велс, е роден во 1948 година, а принцезата Ана е родена две години подоцна. Откако кралицата се искачи на тронот, парот доби уште две деца: принцот Ендру, војводата од Јорк, роден 1960 година и принцот Едвард, грофот од Весекс, роден 1964 година.

Позицијата на Филип била предизвикувачка, зашто сопругот на кралицата нема официјална улога. Тој секогаш одел три чекори зад неа во јавноста, но бил глава на фамилијата во приватниот живот.

 

Во текот на својот живот, Филип бил вклучен во повеќе од 20.000 кралски ангажмани, кои ги зајакнувале британските интереси дома и во странство. Предводел стотици хуманитарни организации, основал програми за деца и, најважно е сѐ, имал значајна улога во одгледувањето на четирите свои деца, од кои принцот Чарлс еден ден ќе го наследи тронот.

Принцот Филип бил особено заинтересиран за наука, индустрија и инженерство. Тој ги посетил истражувачките станици и лабораториите, рудниците за јаглен и фабриките, инженерските работи и индустриските постројки – сè со цел да разбере и да придонесе за подобрување на британската индустрија.

Еколошките прашања исто така биле предмет на негов интерес. Загрижен за загадувањето од издувните гасови, тој започнал да користи електричен автомобил уште во 60-тите години на минатиот век. Откако ги посети Антарктикот и Јужниот Атлантик во 1956-57 година, принцот Филип се посветил на подигање на јавната свест за односот на човештвото кон животната средина.

Војводата бил страствен спортист и уживал во играње поло, возење со кочии и едрење. Тој е исто така бил квалификуван пилот и е првиот член на кралското семејство кој некогаш полетал од градината на Бакингемската палата со хеликоптер.

Тој се „пензионираше“ од официјалните обврски во август 2017 година, откако учествуваше во повеќе од 22.000 јавни настапи од крунисувањето на Елизабета Втора во 1952 година.

Филип, кој на денот на венчавката ја добил титулата војвода од Единбург, Ерл од Марионет и Барон Гринич, ќе биде запишан во историјата како најдолговечниот животен сопатник на еден британски монарх кој со децении беше најенергичниот член на британското кралско семејство.