Со кружна форма, полусферичен и со карактеристичната иконографија, т.н. македонски тип на штит од 3 век пред н.е. е дел од колекцијата на Археолошкиот музеј. Во средишниот дел на овој штит е претставено дванаесеткрако сонце, а околу него во посебно прстенесто поле се чита натписот “Кралот Деметриј“. Во периферниот дел на штитот пак, се претставени седум српести полиња во чија средина се изведени осумкраки ѕвезди…

Покрај шлемот, како што е познато, најкарактеристично одбранбено оружје на македонската војска бил штитот. И коњаницата и пешадијата имале штитови. Во зависност од димензиите на штитот може да се утврди на кој род од македонската војска припаѓа одреден тип на штит.

„Македонскиот тип“ на штит бил најкарактеристично одбранбено оружје на македонската војска. Штитот од колекцијата на Археолошкиот музеј е изработен од бронзен лим со техника на исчукување кој датира од 3 век пр.н.е. и е пронајден на локалитетот Старо Бонче, с. Бонче, општина Прилеп, а најверојатно припаѓа на војниците од гардата на македонскиот владетел Деметриј Први Полиоркет (294-287).