Од Катлановска Бања до селото Бадар нема педа што не е раскопана под превезот на уредување на речното корито на Пчиња

268

Жителите на Горно и Средно Коњари ѝ се пожалиле на министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, дека се сомневаат оти концесионерите под превезот на уредување на речното корито на реката Пчиња експлоатираат чакал и песок, а притоа оставаат пустош зад себе. Големите дупки што се прават по вадењето на материјалот се полнат со вода, а бунарите на мештаните пресушуваат. – Нема место на територијата на Општина Петровец од Катлановска Бања до селото Бадар каде што не е раскопано под превезот на уредување на речното корито на Пчиња, тврди градоначалникот на општина Петровец, Борче Митевски. Министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, им ветила на жителите дека ќе побара од АД „Водостопанство“ да ги стопира сите активности на коритото на реката Пчиња додека не се преиспитаат постапките  и потребата од негово уредување

Жителите на Горно и Средно Коњари ѝ се пожалиле на министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, дека се сомневаат оти концесионерите под превезот на уредување на речното корито на реката Пчиња, експлоатираат чакал и песок, а притоа оставаат пустош зад себе. Големите дупки што се прават по вадењето на материјалот се полнат со вода, а бунарите на мештаните пресушуваат и со тоа го доведуваат во прашање водоснабдувањето на овие две населени места.

Претседателот на месната заедница „Горно Коњари“, Раде Спасевски, за весникот ВЕЧЕР вели дека откако Македонија е самостојна држава, АД „Водостопанство“ ништо не испочитувало.

– Се работи за сериозен проблем. Се издаваат дозволи за наводна регулација на речното корито на Пчиња, се сечат шуми и се копа длабоко и до 9 метри, а со тоа се прави регионален пустош. Полињата од селото Пчиња до Катланово сега не се плодни. Таму имаше приноси од 5.000 килограми по хектар пченица и јачмен, а сега не може да се добие едвај 2.000 килограми. Тоа е така, бидејќи течението на реката Пчиња не е така мирно и тивко, таа сега е претворена во кањон и тоа сè заради неконтролираното работење на сепарации долж регионот – тврди Спасевски.

Сенад Цамиќ, претседател на месната заедница Средно Коњари додава дека во моментот нема активности на експлоатација на песок и чакал, но смета дека треба да се поништи концесијата.

– Министерството за животна средина и просторно планирање му даде дозвола на „Водостопанство“ да се врати песокот во реката, а „Водостопанство“ распиша тендер за продажба на вишокот нанесени материјали во коритото на реката Пчиња – образложи Цамиќ.

Градоначалникот на Општина Петровец, Борче Митевски, објасни дека  наводно треба да се уредува коритото на реката Пчиња, поради што АД „Водостопанство“ по претходна согласност од Министерството за животна средина и просторно планирање распишува оглас на кој добива фирма со најповолна понуда, но жителите од Средно и Горно Коњари не дозволуваат да се копа, во спротивно ќе излезат на улица.

– И од претходно искуство се увиде дека со копањето се продлабочува речното корито, бунарите ќе останат без вода, а со тоа без вода ќе останат жителите од Средно и Горно Коњари – објасни Митевски.

Тој додаде дека Министерството за животна средина и просторно планирање побарало од него да се произнесе дали се согласува да се издаде дозвола за вадење на песок, чакал и камен заради заштита и подобрување на режим на водите на дел од речното корито на реката Пчиња – делница Горна Лака. На тоа тој одговорил дека не се согласува да се издаде дозвола, бидејќи како локална самоуправа не можат да одат спротивно на барањата на своите жители и сограѓани. Но, и покрај тоа, Министерството за животна средина распишува оглас за издавање под концесија, но активностите сега се стопирани благодарение на министерката Шукова.

– Нема место на територијата на Општина Петровец од Катлановска Бања до селото Бадар каде што не е раскопано под превезот на уредување на речното корито на Пчиња – тврди Митевски.

Раководителот на Секторот за уредување на слив и речни корита во АД „Водостопанство“, Коста Малзарков, вели дека не е точно тоа што го тврдат жителите.

– Во моментов таму ништо не се работи. Имаме издадено дозвола за вадење на песок, чакал и камен заради заштита и подобрување на режим на водите на дел од речното корито на Пчиња, но работите не се почнати. Треба да се прошири коритото за да нема поплави. Во согласност со Законот за води ние ги одржуваме речните корита и доколку настане штета ја плаќа „Водостопанство“ – објаснува Малзарков.

Тој додава дека претседателите на месните заедници на Горно и Средно Коњари поднеле претставка до Министерството за економија, кое ја препратило до Државниот инспекторат за животна средина да се направи теренски увид.

– Јас заедно со инспектор од Државниот инспекторат за животна средина направивме теренски увид. Во записникот не се констатирани неправилности во работењето – дециден е Малзарков.

По средбата на жителите со министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, и државниот секретар во министерството, Неби Реџеп, таа им ветила дека ќе побара од АД „Водостопанство“ да ги стопира сите активности на коритото на реката Пчиња, додека не се преиспитаат постапките и потребата од негово уредување.

(А.П.)