Од ишаран ѕид до мозаик во кој секое делче има душа

407

 Мозаичарите Блашка Миева, Јасмина Бошевска, Марк Јанура и Санда Миева, ишараниот ѕид со графити на музејот го препокриваат со мозаик од рециклирани крш плочки. За една таква огромна работа велат дека потребни се многу соработници кои учествуваа со лепење на по некоја плочка во проектот кој еден ден ќе биде културно наследство на градот. Мозаикот ќе биде завршен деновиве, а официјалното отворање е планирано за 25 јуни во присуство на министерката за култура Ирена Стефоска.

Главен промотор на овој, но и на уште два мозаика – во паркот во Виница и во Винскиот музеј во Кавадарци, е здружението Добре дојде Macedonia Welcome Centre. Претседателката на здружението, Емилија Миладинова-Аврамчева за весникот ВЕЧЕР вели дека со овој проект, поддржан од швајцарската амбасада,  сакаат да ја подигнат свесноста за оваа традиционална вештина и со овие мозаик инсталации успеаја да ги привлечат младите да ја продолжат оваа културна традиција во современи услови

Светлана Блажевска

Камче по камче – мозаик. Овие зборови често ги кажуваме или слушаме кога метафорички се сака да се каже дека е потребно трпение, време и труд за да се заврши некоја работа.

Но, во практична смисла, мозаикот е ликовна техника, која за разлика од класичното сликарство е мошне посложена, бара повеќе концентрација, трпение и време за работа, бидејќи се „слика“ со камења, стакло, рециклирани керамички плочки, во која секое залепено делче има душа, а како краен производ се создава дело кое понатаму живее со години. 

Токму такво велелепно дело создаваат неколку уметници кои трпеливо работат на нов мозаик на фасадата на Природонаучниот музеј во Скопје. Тие ишараниот ѕид со графити на музејот го препокриваат со мозаик. За една таква огромна работа, велат дека потребни се многу соработници кои учествуваа со лепење на по некоја плочка во проектот кој еден ден ќе биде културно наследство на градот. Мозаикот ќе биде завршен деновиве, а официјалното отворање е планирано за 25 јуни во присуство на министерката за култура Ирена Стефоска. Во меѓувреме, се покануваат скопјани да поминат и да погледнат како изгледа завршувањето на мозаикот кој во иднина ќе го краси ѕидот на Природонаучниот музеј.

Овој мозаик е дел од проектот DMWC “Mosaic installation as cultural tradition and contemporary living” – „Мозаик инсталација како култура и современо живеење“ на здружението Добре дојде Macedonia Welcome Centre, поддржан од швајцарска амбасада.

– Добре дојде Macedonia Welcome Centre повеќе од 12 години работи на полето културна дипломатија, поточно промоција на државата преку културата. ДМВЦ дејствува како катче на културната интеракција од самиот почеток, ние ја промовираме македонската мултикултура, историја, традиција, а дипломатите преку своите амбасади ја промовираат странската, различна култура во Македонија – вели за весникот ВЕЧЕР, претседателката на здружението, Емилија Миладинова-Аврамчева.  

Во текот на овие години Добре дојде Macedonia Welcome Centre реализирале многу проекти од областа на културата, туризмот, екологијата.

– Во моментот работиме на DMWC “Mosaic installation as cultural tradition and contemporary living” „Мозаик инсталација како култура и современо живеење“,  проект на здружението поддржан од швајцарска амбасада, а реализиран во Градски парк Виница, некогашниот „Жена парк”, денес е едно поубаво место за дружење (мозаичари Александра Димитрова, Марија Мицова Гацова), потоа во Вински музеј Кавадарци (Симона Манчевска, Соња Самарџиева, Димитар Самарџиев) и овој во Природонаучниот музеј во Скопје (Блашка Миева, Јасмина Бошевска, Марк Јанура, Санда Миева) – вели Миладинова-Аврамчева. 

Таа потенцира дека проектот има за цел да го промовира мозаикот како уметност и како занает, врз основите на мозаик традициите кои ги имаме во наследство, како и врз основа на модерните текови во ова поле.

– Мозаикот нуди многубројни можности за развој на уметноста, занаетчиството и во полето на туризмот. Мозаикот како уметнички израз со себе носи и една животна метафора која не советува дека големата слика се прави со мали чекори. Каде што со помош на мали потези на лепење, мали камчиња, од керамика стакло, камен, рециклирани плочки, па и друг рециклиран материјал, се гради една поголема слика – нагласува таа.

Македонија обилува со мозаици од времето на античкиот период на овие наши простори од римскиот период, како и од ранохристијанскиот период од кога се изработени украсни подни мозаици во ранохристијанските базилики во Стоби, Хераклеја, Линкестис, но и во други ново откриени археолошки наоѓалишта низ територијата на Северна Македонија. Миладинова-Аврамчева вели дека, за жал, современиот мозаик во денешно време е многу малку застапен.

– Со овој проект токму сакавме да ја подигнеме свесноста за оваа традиционална вештина и со овие мозаик инсталации успеавме да ги привлечеме младите да ја продолжат оваа културна традиција во современи услови – додава таа.

Мозаиците ги изработуваат од рециклирани крш плочки. Во проектот беа вклучени студенти, деца, случајни минувачи, странци.

– Сите граѓани имаа можност да учествуваат заедно со локални уметници мозаичари да бидат дел од оваа мозаик инсталација со што се придонесува кон зацврстување на заедницата и чувството на граѓаните дека јавниот простор ним им припаѓа и тие можат позитивно да влијаат на него. Проектот ќе остави траен белег на заедничката работа  на граѓаните, симбол на граѓански активизам, единство, убавина, и естетика. Исто времено ги поттикнуваме принципите на Зелена култура, со цел и културата да работи во правец на заштита на животната средина – нагласува Миладинова-Аврамчева.

Првите мозаици се создадени во Јапонија и Грција пред многу, многу години и поради тоа што се издржливи и отпорни на удар, сè уште не ги изгубиле своите својства и опстојуваат и ден-денес.

link Vinica https://www.facebook.com/Dobredojde/videos/156520586457492