Од заедничката средба: Државата мора да вложи во одржливоста на ДЛУМ, ДПМ и на СОКОМ

188

Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ), Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) и Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ) вчера одржаа средба на која ги предочија проблемите со кои се соочуваат. На средбата присуствуваше и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Претседателот на ДПМ, Христо Петрески, посочи дека порано во ова Друштво имало четворица вработени, а сега нема ниту еден финансиран од Министерството за култура. Тој истакна дека треба да има барем еден вработен и да располагаат со барем милион денари за покривање на основните трошоци.

– За минатата година, ние имаме 100 илјади денари од Министерството за културни активности. Тоа е мал износ за една година. Со овие пари не може да се води ДПМ, каде што има без малку 300 члена и каде што навистина има активности, меѓународни, државни манифестации, награди, соработка… – рече Петрески.

Тој порача дека на ДПМ не треба да му се одземе од дигнитетот и од квалитетот што го имал 75 години.

Претседателот на Собранието на СОКОМ, Јане Коџабашија, на средбата побара да не се намалуваат нивните програми, бидејќи, како што рече, од година на година сè помалку гости им доаѓаат на манифестациите. Како што напомена, сите институции кои се занимаваат со културата, ги делат истите проблеми.

Според претседателката на ДЛУМ, Јана Манева-Чупоска, културната меморија од 75 години е доволен аргумент ова Друштво, конечно, да влезе под капата на Министерството за култура. Таа напомена дека овој предлог е поради тоа што ДЛУМ се наоѓа во крајно неповолна ситуација.

– ДЛУМ е сираче веќе одамна. Ние сме прибрани во Домот на АРМ. Си плаќаме редовно кирија, но гледате и вие дека ова не е соодветно место за сериозно друштво со толкав културен багаж. Државата мора да има „сенс“ за овој проблем, затоа што ДЛУМ мора да постои и ова е последен воз да упатиме сериозен апел до општеството дека ДЛУМ е пред затворање – додаде Манева-Чупоска.

Министерката Костадиновска-Стојчевска се согласи дека државата треба да вложи во одржливоста на уметноста, на македонската музика и македонските автори.

Во однос на барањето на Манева-Чупоска дека на ДЛУМ му е потребен соодветен простор за работа, министерката посочи дека се надева оти ќе се изнајде репрезентативен простор, бидејќи Домот на АРМ не е добро решение.