„Од жена за жена!“ – рурална женска мартовска кампања

35

Дури 84 отсто од жените во руралните средини велат дека КОВИД пандемијата имала негативен ефект врз нивниот живот и врз економската сигурност на семејното земјоделско стопанство, а 92 процента не користеле поддршка за надминување на последиците од кризата, покажува последното истражување на Рурална коалиција спроведено во периодот јануари – март 2021 година.

Рурална коалиција смета дека една од причините за ваквите бројки е што руралните жени не се препознаени од системот, односно се невработени, а сепак работат од 9 до 11 часа на нива или на фарма.

Според истражувањето, од 160 испитаници, мажи и жени од руралните средини, само 28 отсто се изјасниле дека се регистрирани како индивидуални земјоделци, од кои што само 15 се жени.

-Бидејќи и понатаму жените остануваат невидливи и се дел од неформалната економија, па не се препознаени ниту од системот ниту од државата, Рурална Коалиција во соработка со партнерските организации „Вредни Росомански Раце“, од Росоман и „Радика-Де“, од Дебар организираат промотивна кампања насловена „Од жена за жена“, а по повод март, месецот на жената. Со оваа кампања сакаме да испратиме силна порака од жените од руралните средини за нивната потреба од економско зајакнување во услови на пост-Ковид ситуација. Но, не само тогаш. Ако ние го имаме квалитетот, го имаме домашното производство, ја имаме храната произведена и преработена со рацете на овие жени, па тогаш нели е тоа доволно да станат видливи, но во исто време и економски силни?, наведува Рурална коалиција.

Кампањата ќе се реализира од 8 до 12 март во сите осум плански региони и со неа ќе се пренесе пораката дека родовата еднаквост и економската моќ на жената е потребна повеќе од кога било претходно. Ќе се купуваат, подаруваат и промовираат производи кои ги произвеле жените. Традиционалните производи од волна од реканскиот и дебарскиот крај ќе завршат во Струмица или во источниот дел на државата, а традиционалните росомански слатка, во краевите каде што прв пат ќе може да ги вкусат надалеку познатите „речели“ или слаткото од диви капини и шумски плодови.

-Жените едни на други ќе си подаруваат ама и ќе се запознаваат со традицијата на жените од другите региони. Преку постери и флаери ќе ја запознаеме пошироката јавност со традиционалните производи, со резултатите од истражувањето. На сограѓаните ќе им поделиме маски како потсетник дека и понатаму треба да останеме безбедни и да се грижиме за нашето здравје и за здравјето на тие околу нас. Оваа мартовска кампања нека биде посетник за сите нас дека жените од руралните средини се клучот за одржливоста на руралните средини и дека поддршката на секој од нас за нив е важна. Тоа е и единствениот пат како да се излезе од сенката на невидливоста, истакнува Рурална коалиција.

Извор:МИА