Од денеска на море во Црна Гора со македонски пасош и корона тест

Црна Гора од денеска ги отвора границите за македонските државјани, но, најверојатно со негативен тест не постар од 48 часа, соопшти вчера директорот од Институтот за јавно здравје на Црна Гора, Бобан Мугоша. Србија пак, воведе негативен ПЦР-тест за македонските државјани и од денеска, сите граѓани од земјава за влез во Србија треба да имаат негативен тест на ковид-19 кој нема да биде постар од 48 часа

171

Србија воведе негативен ПЦР-тест за македонските државјани. Од денеска, сите граѓани од земјава за влез во Србија треба да имаат негативен тест на ковид-19 кој нема да биде постар од 48 часа, одлучи на вчерашната седница српскиот Кризен штаб. Покрај за Македонија, оваа одлука се однесува и на Хрватска, Бугарија и Романија. Епидемиологот Дарија Кисиќ-Тепавчевиќ, по седницата на Кризниот штаб изјави дека мерката важи од денеска и нема да се однесува на српските државјани кои доаѓаат од територијата на наведените земји.

Таа додаде дека пропишаниот период од 48 часа започнува да тече од моментот на издавање на сертификатите од страна на лабораториите. Кисиќ-Тепавчевиќ посочи дека таквата одлука е донесена врз основа на проценка на епидемиолошката состојба, како и врз основа на трендот на заболување од коронавирусот.

Исто така на состанокот на кризниот штаб е одлучено од денеска да не важат рестрикциите за граѓаните на Црна Гора во однос на влегувањето во Србија.

Црна Гора, пак, од денеска ги отвора границите за македонските државјани, но, најверојатно, исто така со негативен тест, не постар од 48 часа. Директорот од Институтот за јавно здравје на Црна Гора Бобан Мугоша, вчера, истакна дека се отвораат границите за Србија, Босна и Херцеговина, Албанија и Македонија. Влезот ќе биде дозволен со негативен ПЦР-тест или серолошки тест. Отворањето на границите, како што кажа Мугоша, доаѓа по барањата на туристичките работници.

Црна Гора вчера најави укинување на забраната за влез во таа земја и за српските државјани, а директорот на Институтот за јавно здравје на Црна Гора, Мугоча, изјави дека услов за влез во Црна Гора, најверојатно, ќе биде негативен тест за коронавирус.

Мугоша кажа дека локалната трансмисија на вирусот во Црна Гора и понатаму е висока, но под контрола.

-Очекуваме пад на кривата на нови случаи на ковид-19. Бројката на нови случаи е одраз на нашето однесување. Сите се однесуваме неодговорно и затоа дневно имаме по 50-60 случаи од 450 тестирања во просек, рече директорот Мугоша.

За македонските државјани сè уште остануваат затворени границите кон Грција, најмалку до крајот на август. Грчките власти во четвртокот излегоа со нов протокол кој ќе важи од понеделник за влез преку граничниот премин „Евзони”.

Македонското Министерството за внатрешни работи ги извести граѓаните дека до граничната служба на граничниот премин „Богородица“, од страна на грчката гранична служба од граничниот премин „Евзони“ се добиени дополнителни информации за новиот протокол за влез во Грција на граничниот премин „Евзони“.

-Почнувајќи од понеделник 17.8.2020 до понеделник 31.8.2020 часот, на граничниот премин „Евзони“, само во периодот од 6:00 до 22:00 часот по македонско време, влез во Грција ќе може да остварат само државјани на Република Грција, државјани на трети земји кои имаат регулиран престој во Грција, ЕУЛЕКС дипломатски персонал и членови од нивните семејства, лица кои патуваат од медицински и бизнис причини, а кои претходно биле најавени и добиле одобрување за патување од Aмбасадата на Република Грција во странство, како и возачи на товарни возила. Сите овие лица за да остварат влез во Грција на преминот „Евзони“ потребно е да приложат негативен ПЦР тест за ковид-19 од сертифицирана лабораторија на англиски јазик, не постар од 72 часа, стои во соопштението од МВР.

Оттаму потсетија дека останува обврската за претходна електронска најава и добивање на ПЛФ-документ (Passenger Locator Form).