Од денеска во аптеки ќе има лекови колку сакаш и кога сакаш

262

КВОТИТЕ ЗА ЛЕКОВИТЕ ЗАМИНАА ВО ИСТОРИЈАТА… Граѓаните од денеска можат лекот на рецепт да го подигнат во која сакаат аптеки и во било кој период од месецот, а не како досега само во првата недела. Новина е што граѓаните при земање на рецептот кај матичниот лекар и при подигање во аптека треба да се идентификуваат со сопствена лична карта. Тоа значи дека лековите за децата до 18 години и за старите лица може да ги подигне било кој од семејството со негова лична карта.

Аптекарските квоти за лекови од денеска, први октомври се укинуваат, а тоа значи дека граѓаните можат лекот на рецепт да го подигнат во која сакаат аптеки и во било кој период од месецот, а не како досега само во првата недела. Новина е што граѓаните при земање на рецептот кај матичниот лекар и при подигање во аптека треба да се идентификуваат со сопствена лична карта. Тоа значи дека лековите за децата до 18 години и за старите лица може да ги подигне било кој од семејството со негова лична карта.

Ова го најави директорот на Фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев, на заедничка прес-конференција во Владата заедно со премиерот Зоран Заев, министерот за здравство Венко Филипче и вториот директор на ФЗО, Орхан Рамадани. Дончев нагласи дека лекови на рецепт ќе може да пропишуваат и дежурните лекари.

Од новиот начин на подигање на лекови бенефит ќе имаат сите, а постарите лица, деца под 18-годишна возраст и тие кои не се во состојба не треба да стравуваат дека ќе останат без лек. Предвидена е можноста во нивно име блиско лице да го подигне лекот – појасни Дончев и дополни дека на овој начин пациентите веќе нема да имаат потреба да создаваат домашни залихи, нема да има гужви и нервоза оти лекот ќе го има во секое време.

Дончев информираше дека овој месец е преоден, а дека за понатаму подготвуваат нов електронски систем со кој ќе знаат кому му е издаден лек.

За министерот за здравство Венко Филипче со укинувањето на квотите се решава деценискиот проблем со недостиг на лекови во аптеките.

Ова е продолжување на пилот-проектот што го почнавме во пет града во туристичките места Охрид, Струга, Гевгелија, Ресен и Дојран, каде луѓето што одат на подолготраен престој ги трошеа квотите. Тој се покажа добар оти и жителите и туристите имаа достапност до лековите. Сега нема да има гужви и нетрпение и во амбулантите и во аптеките при издавање на лековите и оној психолошки момент да се прават домашни аптеки од страв дека ќе останат без лек ќе биде надминат – укажа Филипче.

Премиерот Зоран Заев е задоволен од оваа мерка бидејќи се очекува импактот од неа да донесе од 100 до 200 милиони денари. Според него сите ќе бидат задоволни, но најмногу пациентите од повозрасната група.

-Државата е стабилна, финансиски ликвидна, зголемен е приливот во буџетот на Фондот за здравствено осигурување и токму резултатот е тоа лек за сите во секое време – дециден е премиерот кој дополни дека во иднина ќе има и зајакнување на контролите и доколку се регистрираат неправилности ќе има и соодветна истрага за тоа.

И директорот Дончев информираше за одредени трансакции со лековите кои се сомнителни и дека ќе продолжат со истрагата до расветлување на случајот.

Премиерот Заев и министерот Филипче истовремено потсетија за реформите во здравствениот систем и за проекти кои се во тек, како што е реновирањето на  струмичката и штипската болница, како и уште 30 други здравствени објекти. Според нив, веќе има насоки за зголемување на платите, а позитивни резултати покажуваат и повисоките надокнади за дежурства и ноќен труд.

(В.Ма.)