Од денеска вакцинација без закажан термин во Ресен

26

Здравствен дом Ресен од денеска почнува со вакцинација на населението против Ковид – 19 без закажан термин.

Директорката на установата Сања Андоновска информира дека заклучно со вчера на ниво на Преспа вакцинирани се 4 600 граѓани со прва доза вакцина против корнавирусот.

-Вакцинацијата продолжува во вакциналниот пункт во модуларната тријажна амбуланта секој работен ден, без претходно закажување од 8 до 15 часот. Интересот е голем, вакцини има од компаниите Синовак и Астра Зенека за повозрасната популација, изјави Андоновска, пренесувајќи го задоволството на вработените и пациентите во условите во модуларната амбуланта.

Според директорката, в понеделник почнува паралелно и теренска вакцинација во населените места. На 12 јули во основното училиште „Димитар Влахов“ ќе може да се вакцинира населението од Љубојно, Брајчино и Долно Дупени, на 14 овој месец во амубалната во Крани ќе се спроведе вакцинација за жителите од истото село и од Арвати, а два дена подоцна за граѓаните на Грнчари и Подмочани вакцинација ќе има во амбулантата во Грнчари.

-Од понеделник почнува паралелно и теренска вакцинација во руралните средини по претходно утврден распоред и во корелација со месните заедници и матичните доктори. Во соработка и со локалната самоуправа се организира вакцинација на вработените во сите организации и стопански субјекти во општина Ресен, додаде Андоновска.

Во изминатиот период, посочи, паралелно, во домашни услови се вакцинирале ризичните категории и нивните семејства. До сега, како што информира директорката, во домашни услови вакцина примиле 190 лица.