Ексклузивно за ВЕЧЕР: проф. д-р Надежда Басара: Германија е добар пример како да се справиме со коронавирусот, им посакувам успех и на македонските колеги

Според д-р Надежда Басара, директор на Клиниката “Малтезер Ст. Францискус” во Германија, клиниката уште пред шест недели се реорганизирала и сега функционира и како ковид-центар за северниот дел на Германија. Според неа, оваа интерна клиника работи со полна пареа, а таа го води корона-одделението. Но, како што вели, за среќа во тој дел од Германија нема многу заболени пациенти со ковид-19, односно досега се регистрирани околу 200 лица од кои 20 болнички се лекуваат. Таа вели дека Германија е добар пример како лекарите се справуваат со коронавирусот, пред сè заради добрата организација.

4478

Клиника “Малтезер Ст. Францискус”  во Германија уште пред шест недели е реорганизирана и претставува ковид-центар за северниот дел на Германија. Но овие пациенти се изолирани, така што пациентите што имаат онколошки и хематолошки заболувања не се откажуваат, тие навреме ја добиваат нивната терапија и третман.

Според д-р Надежда Басара, која е познат светски онколог и хематолог, директор на оваа интерна клиника, деновиве работат со полна пареа, а таа го води корона-одделението. Но, како што вели, за среќа во тој дел од Германија нема многу заболени пациенти со ковид-19.

-Во северниот дел на Германија во реонот на Шлезвиг-Холштајн има заболено околу 200 лица од кои само 20 се сместени на болничко лекување во нашата болница. Хоспитализираните имаат висока температура и воспаление на белите дробови од кои четворица се на респиратор. Останатите заболени се во домашна изолација каде се лекуваат и тие се со полесна форма на болеста- ни изјави  д-р Басара.  Во нивната болница со реорганизацијата на интензивното одделение за 40 отсто се зголемени креветите со респиратори. Таа за весникот ВЕЧЕР информира дека лекувањето на пациентите е по протоколи, а се користат и  препораките на Светската здравствена организација.

Доктор Басара е оптимист и вели дека епидемијата ќе се надмине, но дека треба да се смени начинот на живот не само во Германија, туку во целиот свет.

Таа вели дека Германија е добар пример како лекарите се справуваат со коронавирусот, пред сè заради добрата организација. Познатата лекарка е сигурна дека епидемијата со коронавирусот ќе ја надминат во Германија, а тоа ни го посакува и нам во Македонија каде познава многу луѓе свои пациенти, но и колеги со кои постојано е во контакт.

Што се однесува на тоа како тече животот во Германија таа вели дека граѓаните се многу дисциплинирани и се шетаат само во парови или само семејства без да се мешаат со други луѓе.

-Животот продолжува да тече и во услови на епидемија, продавниците  за храна работат, се пазарува секој ден-вели д-р Басара. 

Според неа засега во Германија носењето на маска не е задолжително. Но во некои региони каде што бројот на заболени е поголем таму се препорачува да се  носи заштитна маска.

-Во Германија почнаа постепено да се отвораат занаетчиските дуќани, продавници што се под 800м/2 каде се продава облека, чевли… зашто постепено животот треба да се врати во нормала – вели за весникот ВЕЧЕР д-р Басара. 

Светски познатата д-р Басара е една од најголемите стручњаци за трансплантација на матични клетки во Германија и во Европа. За нејзините успеси во медицината се зборува многу во светот, особено во лекувањето на тешко болните  пациенти. Д-р Басара, како директор на интерната клиника “Малтезер Ст. Францискус” лоцирана во германскиот град Флензбург, во Германија им помага многу и на пациентите од Балканот.

Таа пред 18 години од Белград заминала во Германија без да знае ниту еден збор германски, но сепак тоа не и било пречка да го научи јазикот и да напредува во успешната кариера, да стане доцент, но и прва  жена од Југоисточна Европа која не е родена и школувана во Германија, а станала професор по медицина.

Таа пет години биде на чело на трансплантациониот центар во Универзитетската клиника во Лајпциг. Благодарение на д-р Басара овој центар по резултатите на лекување на леукемијата и по бројот на реализирани трансплантации е на прво место во Европа.

Оваа силна жена енергијата ја црпи од љубовта кон медицината, луѓето, работата и семејството. За неа најголема сатисфакција е кога ќе го излекува пациентот, оти тоа го смета за свој личен успех, што и дава нова енергија по патот на успехот. Меѓу пациентите кои ги лекувала д-р Басара има и голем број на граѓани од регионот, Србија, Македонија, Црна Гора, а јавноста ја знае и по успешното лекување на тешко заболениот од апластична анемија Жељко Митровиќ, сопственикот на ПИНК телевизија, како и познатиот српски водител во РТСа, Дејан Деки Пантелиќ, кого исто така го излекувала од тумор на крајници. За изминативе 10 години со трансплантација на матични клетки во оваа германска болница се излекувани најмалку 20 пациенти од Македонија.

Валентина МАРЈАНОВИЌ