Одржана јавна презентација на ДУП Градска четврт Ј20 – Блок 04 во Кисела Вода

151

Во просториите на општина Кисела Вода се одржа трета јавна презентација и анкета по предлог деталниот урбанистички план “Градска четврт Ј20 – Блок 04” кој опфаќа површина од 35,4 хектари. Границите на опфат на оваа градска четврт се од североисток по собирните улици „Антон Попов“ и „Димо Хаџи Димов“, од југоисток границата започнува да се движи по сервисната улица „Мариовска“, од југозапад: по сервисната улица „Милан Мијалковиќ“, од северозапад границата е по сервисните улици „Пржино“ и „Наум Охридски“ и од север границата се движи по сервисната улица „Павел Шатев“.

Од општина Кисела Вода информираат дека пред претставници од институции и претпријатија, а потоа и пред граѓаните, жителите од овој дел на градот, планот беше стручно објаснет од страна на планерската куќа која го изведува урбанистичкото решение.

– Беа изнесени конкретни прашања и забелешки, беше побарано и добиено стручно мислење околу извесни идеи, како и информација за досега прифатените сугестии од страна на општина КиселаВода, Град Скопје и Министерството за транспорт и врски. За одредени забелешки, пак, им беше дадено образложение зошто не се прифатени во сега понуденото предлог решение. Ваквата анкета се спроведува со цел Деталниот Урбанистички План да биде направен по мерка на граѓаните и да одговара на нивните реални потреби, а воедно да ги задоволува и сите законски предвидени критериуми. Токму затоа, и забелешките од денешната средба, заинтересираните можат да ги достават преку анкетни ливчиња кои се достапни во просториите на нивните урбани заедници, секој работен ден од 7-15 часот, се до 14 февруари – велат од општина Кисела Вода.

Изложен е и предлог ДУП-от за Градска четврт Ј20 – Блок 04, но истиот е достапен и на општинската веб страница.