Одобрение за пасош без меѓународна проверка, Димовски најави дополнителна истрага за случајот Онишченко

    49

    Без меѓународна консултација со партнерите на НАТО било одобрено решението дека не постои безбедносен ризик за издавање на македонски пасош на украинскиот државјанин Олександар Онишченко, истакна директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Виктор Димовски, по денешната седница на собраниската Комисија за надзор на работата на безбедносните служби. Димовски побара седницата да биде затворена за јавност, поради, како што нагласи, класифицираните информации што ќе ги изнесе.

    Во рамки на проверките, според првиот човек на АНБ, не била извршена последната – меѓународна консултација со партнерите на НАТО, а бил ставен потпис на одобрението, со што е донесено решение дека не постои безбедносен ризик за издавање на македонски пасош на Онишченко.

    „Со оглед на наведеното во АНБ се преземени неколку мерки. Најнапред, бидејќи е лоциран поединецот кој го ставил тој потпис без совесно да си ја изврши својата работа, преземени се мерки за утврдување на одговорноста. Испитуваме дали се работи за изолиран случај или се работи за уште некој предмет. За лицето и сите други инволвирани ќе бидат преземени законски мерки според законот за Национална безбедност и ќе зависи да ли ќе биде дисциплинска, кривична или некаква друга одговорност“, истакна денеска Димовски.

    Тој додаде дека треба да се утврди дали се работи за пропуст, за намера или за некакаков лукративен интерес.

    Претходно Димовски побара затворена седница за да реферира за случајот Онишченко бидејќи документите кои треба да ги прикаже се од класифициран карактер. Неговото барањето беше поддржано од пет пратеници членови на Комисијата, а со тоа на седницата можеа да присуствуваат само пратениците кои имаат безбедносен сертификат.

    Пратениците и членовите на Комисијата за надзор на работата на АНБ и на Агенцијата за разузнавање (АР), по кратката пауза, се вратија во салата, но пред тоа собраниското обезбедување побара од нив да ги остават мобилните телефони на масата пред салата, а од пратеничките беше побарано покрај телефоните да ги остават и чантите. Ова беа мерките на претпазливост поради сензитивноста, односно класифицираноста на информациите што директорот на АНБ најави дека ќе ги изнесе во своето сведочење за улогата на Агенцијата за давање позитивно мислење за добивањето македонско државјанство на Онишченко, според член 11 од Законот за државјанство.

    Димовски најави дека на седницата под точката „Разно“ ќе се произнесе и по обвинувања дека АНБ ги злоупотребува средствата и ресурсите за следење на опозицијата.

    Претседателот на државата Стево Пендаровски завчера во телевизиско интервју изјави дека случајот со Онишченко претставува сериозен удар врз кредибилитетот на АНБ и на државата, како членка на НАТО. Според него, станува збор за голем системски пропуст и дека мора да има одговорност и случајот докрај да се разреши.

    Премиерот Димитар Ковачевски претходно најави дека упатил барање до институциите, кои биле вклучени во донесувањето на позитивни мислења за доделување на државјанството на Онишченко, да поднесат извештај за тоа дали и како е спроведена процедурата.

    Украинскиот државјанин Онишченко, кој се наоѓа на „црната листа“ на САД, поради неговите врски со руските власти, добил македонско државјанство како спортист во еквестријан на предлог на Коњичката федерација. Одлука за доделување македонско државјанство за него донела Владата, по добиено позитивно мислење од сите надлежни институции.

    (И.С.)