Однесовме во болница тркач на Скопскиот маратон кој имаше алергиска реакција!   

230

Волонтерите на Црвениот крст на град Скопје имаа триесетина интервенции во неделата кога се одржуваше скопскиот маратон. Арѓенд Чиљафи, стручен соработник во Црвениот крст на град Скопје, вели дека однеле и еден тркач до најблиската болница.

-Однесовме во болница тркач кај кој имаше алергиска реакција. Поради што тој мораше да се однесе во болница за понатамошно третирање и следење. Останатите асистенции се однесуваа на грчеви во мускулите, убод од инсекти кои главно беа лесни. Оваа година поради поволните временски услови имавме значително мал број на интервенции и се надевам дека ваквата состојба, односно овие бројки ќе следат и наредната година – истакна Чиљафи.

Овој голем спортски настан беше обезбедуван со 11 екипи со 36 парамедици и лекари распоредени низ целата должина на трасата по која се трчаше.

– Црвениот крст дава поддршка на секој културен, спортски или хуманитарен настан, претежно во зависност од потребата, по претходно побарување од организаторот на настанот, а во зависност од типот на манифестацијата се испраќаат од 1 до 2 екипи – вели Чиљафи.

Тој посочува дека им помагале и на алкохолизирани учесници кога скокале по крстот на Водици.

– Карактеристично за манифестацијата „Водици“ е тоа што најчесто се интервенира поради хипотермија комбинирана со алкохол. Многу од учесниците консумираат алкохол за да се стоплат, односно за да ја зголемат температурата, но со тоа тие создаваат спротивен ефект. Температурата се зголемува моментално, но по кусо време драстично опаѓа и во комбинација со студеното време и студената вода доаѓа до хипотермија – потенцира Чиљафи.

Во текот на годината тие обезбедуваат од 30 до 60 настани, а ангажирани се од 300 до 800 волонтери во просек годишно. Притоа, се забележуваат од 550 до 2.000 интервенции и асистенции годишно на скршеници, гребнатинки, прединфарктни или инфарктни состојби, мозочен удар и друг тип на интервенции што бараат сериозен пристап и интервенирање.                 

(А.П.)