Одлуката за заштита на Водно продолжува во владина процедура дополнета со обврски и мерки за заштита од ерозија од останатите релевантни прописи

51

Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека во однос на процесот на донесување на Одлуката за прогласување на дел од  од планината Водно за заштитено подрачје во категорија 5 – заштитен предел.

По завршувањето на консултациите со јавноста, организираше технички  координативни средби со претставници на Градот Скопје, Министерството за земјоделство, водостопанство и шумарство, Министерство за транспорт и врски и Центарот за управување со кризи, како релевантни институции на државно и локално ниво, со цел дополнително да се преиспита постоечката регулатива за заштита на подрачјето од аспект на ерозија, поплави, безбедност и преспределбата на обврските и наделжностите помеѓу локалната самоуправа и централната власт.

– Со оглед на фактот дека овие прашања се веќе регулирани со други закони од националното законодавство кои треба да се имплементираат од надлежните институции, на средбите се анализираше имплементацијата на постоечките законски обврски наспроти евентуалното донесување на посебен закон во функција на подобра заштита. Беше покренато и прашањето на итноста на потребата за заштита – велат од МЖСПП.

Неспорна е обврската на МЖСПП за репрогласување на заштитените подрачја согласно Законот за заштита на природата, како и законските обврски на локалните самоуправи согласно Законот за водите со кои е уредено утврдувањето на границите на ерозивните подрачја и предвидувањето на мерки за заштита.

– Согласно надлежностите МЖСПП, како препорачано решение до Владата ќе ја достави Одлуката за прогласување на дел од планината Водно за заштитено подрачје во категорија 5 – заштитен предел со дополнување кое ќе ги опфати обврските и мерките согласно прописите за заштита од ерозија. Исто така, ќе побара од Владата да ги задолжи надлежните органи и единиците на локална самоуправа доследно да ги исполнат барањата од останатите релевантни прописи за да се обезбеди заштитата на сите ерозивни подрачја во државата – потенцираат од ресорното министерство.

Воедно, МЖСПП укажува дека донесувањето на Одлуката не претставува пречка за подготовка на посебен Закон за Водно од Градот Скопје или друга заинтересирана страна, кој откако ќе биде изработен ќе може да ја инкорпорира и донесената Одлука согласно Законот за заштита на природата.