Одлуката да се забрани налогот на Трамп на Твитер беше правилна, но и опасен преседан, тврди директорот на Твитер

29

Извршниот директор на Твитер Џек Дорси оцени дека забраната за американскиот претседател Доналд Трамп на таа социјална платформа по минатонеделното насилство во Капитол е „правилна одлука“, но дека претставува опасен преседан.

– Преземањето вакви потези ја фрагментира јавната дебата. Тие нè разделуваат. Тие го ограничуваат потенцијалот за објаснување, искупување и учење. Но, тие создаваат преседан за кој сметам дека е опасен: моќта што ја има една индивидуа или корпорација над дел од глобалниот јавен разговор, рече Дорси.

Компанијата Твитер минатата недела го отстрани од таа социјална мрежа профилот на Доналд Трамп, кој имаше 88 милиони следачи поради ризик од натамошно насилство од страна на приврзаниците на Трамп во Капитол.

Забраната предизвика критики кај некои републиканци дека со тоа е задушено правото на претседателот на слобода на говорот. Германската канцеларка Ангела Меркел предупреди дека за потенцијалните ограничувања на слободата на говорот треба да одлучуваат законодавците, а не приватните компании.

Дорси, уште рече дека не е горд на забраната и оти таа претставува пораз во промовирањето на здрава комуникација.

Во текот на изминатите неколку години, Твитер воведе мерки како што се ознаки, предупредувања и ограничувања на дистрибуцијата за да се намали потребата за целосно отстранување на одредена содржина од нивната социјална платформа. Дорси рече дека мерките можат да придонесат за плоден разговор и да го намалат влијанието на пораките врз лошото однесување

Покрај Твитер, меѓу другото беа суспендирани и сметките на Трамп на Фејсбук, Јутјуб, Снепчет и Инстаграм, а Дорси коментираше дека овие поединечни потези на социјалните мрежи биле взаемно охрабрувани, но „не беа координирани“.

– На долг рок, преседанот ќе има деструктивен ефект врз благородната цел и идеалите за отворен Интернет, оцени извршниот директор на Твитер.