Оддел за физикална терапија во Негорски Бањи ќе го носи името на докторка која почина од корона

253

Во присуство на најблиските, на вработените колеги од Одделот за физикална терапија,  на Меѓународниот ден на здравството, беше откриена спомен-плоча на доктор Билјана Ичева, која  пред две години почина, на 61 година, како последица на ковид.  Делот на Одделот за физикална терапија при Негорски Бањи, кој ќе почне да се реновира наскоро, ќе го носи нејзиното име.

Доктор Билјана Ичева целиот свој работен век го помина токму во Одделот за физикална терапија, а ова признание е една искажана почит од сите вработени како и од сите пациенти кон нејзиниот вложен труд и целокупен придонес за афирмацијата на Негорски Бањи, а особено за уделот која таа го даде во делот на здравствените услуги од областа на физикалната медицина и рехабилитација, унапредување на телесната култура, здравството и социјалните потреби.

Раководителот на Одделот за физикална терапија, Димитар Јаневски, обраќајки се пред присутните истакна:

„Смртта остава болка во срцето која никој не може да ја излекува, но твојата љубов кон твоите најсакани и кон твоите пријатели остава спомени кои никој никогаш нема да може да ги одземе. Замина, но секогаш ќе останеш жива во нашите сеќавања и во нашите срца.“

За својата мајка мошне емотивно говореше нејзината ќерка, Стефанија:

„Речено е времето ги лекува сите рани Јас не се согласувам. Раните остануваат. Со текот на времето, умот, заштитувајќи го својот разум, ги покрива овие рани и болката се намалува. Но, тaa никогаш не ja снемува.“

Доктор Билјана наоѓаше убави зборови за сите нејзини пациенти, кои за неа докторка со широко срце и уште поширока насмевка секогаш беа „неговото височество“ пациентот. Тоа знаеа да го препознаат гевгеличани и другите пациенти кои доаѓаа во Негорските Бањи, и затоа ја сакаа и ја почитуваа и како доктор и како личност. (Љ.А.)