„Јазикот е култура и културата е – јазик! Во името на македонскиот јазик како култура денес се радуваме на еден исклучителен јубилеј 45 години македонистика на Филолошкиот факултет при МГУ Ломоносов. Она што го започна академик Рина Павловна Усикова, успешно го допишуваат и академик Ала Шешкен и проф. д-р Елена Верижникова, заедно со лекторите избрани од Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’“, истакна меѓудругото проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска

„Овде и денес се присутни луѓето кои покажуваат дека мостот помеѓу двата универзитета, меѓу ‘Св. Кирил и Методиј’ и ‘М.В. Ломоносов’, меѓу Скопје и Москва, меѓу двете земји и двата народа, одлично функционира и до ден-денес. Овде и денес се присутни луѓето кои се гаранција дека оваа врска ќе функционира уште долго и дека ќе поврзува нови и нови генерации македонисти и слависти од двете земји“, истакна ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ проф. д-р Никола Јанкуловски на свечениот настан одржан на зум по повод јубилејот исклучително значаен за македонистиката – 45 години изучување на македонскиот јазик, литература и култура на Филолошкиот факултет на Московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“.

Како што посочи Јанкуловски овде и денес се присутни дел од луѓето (лектори, некогашни и сегашни, предавачи и професори) кои вистински се вградиле во работата на лекторатот по македонски јазик на Филолошкиот факултет на Московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“. „Пред сè како кадри што излегоа од Филолошкиот факултет ‘Блаже Конески’, како и од двата института, Институтот за македонски јазик ‘Крсте Петков – Мисирков’ и Институтот за македонска литература. Секако не смееме да ги заборавиме оние без кои ова немаше да се случи, а тоа се пред сè, академик Рина Павловна Усикова и нејзиниот руски ментор, професорот Самуил Борисович Бернштејн, како и нејзиниот македонски ментор, професорот Блаже Конески“, додаде Јанкуловски.

Свои пригодни обраќања имаа и Сергеј Александрович Баздникин, амбасадор на Руската Федерација во Македонија, Оливера Чаушевска-Димовска, в.д. амбасадорката на Македонија во Руската Федерација, проф. д-р Андреј Александрович Липгарт, декан на Филолошкиот факултет на Московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“ и проф. д-р Анета Дучевска, деканка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ.

Работниот дел, пак, го отвори директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ (МСМЈЛК), проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска која потсети дека Емил Бенвенист во вториот том од својата „Општа лингвистика“ пишува дека човек се раѓа двапати: еднаш од своите родители и еднаш во јазикот.

„Јазикот е култура и културата е – јазик! Во името на македонскиот јазик како култура денес се радуваме на еден исклучителен јубилеј 45 години македонистика на Филолошкиот факултет при МГУ Ломоносов. Она што го започна академик Рина Павловна Усикова, инаку долгогодишна учесничка и на летните школи и на меѓународните научни конференции одржани во рамките на МСМЈЛК во Охрид и авторка на повеќе од 100 научни публикации и уметнички преводи од македонски на руски јазик, успешно го допишуваат и академик Ала Шешкен и проф. д-р Елена Верижникова, заедно со лекторите избрани од Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’, како што тоа некогаш беа проф. д-р Максим Каранфиловски, д-р Емил Ниами и Роза Тасевска, и како што е сегашниот лектор м-р Марија Пандева. И еве денес сме исправени пред убавиот јубилеј на успешната приказна – 45 години изучување на македонскиот јазик, литература и култура на Московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“, посочи Мојсова-Чепишевска.

Таа воедно со радост ја поздрави и новата генерација студенти на македонистика, запишани токму во оваа академска година кога славиме два значајни јубилеи – 100 години од раѓањето на Блаже Конески и 45 години лекторат по македонски јазик, литература и култура на Московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“. „Поздрав и до студентите на постдипломските и докторските студии кои се одлучиле својата надградба да ја остварат преку истражувања и пишувања на магистерски и докторски тези на теми од македонскиот јазик и литература“, додаде Мојсова-Чепишевска.

Инаку, настанот со свое учество го одбележаа и студентите по македонистика на Катедрата за словенска филологија на Московскиот државен универзитет – на сите нивоа, додипломски, постдипломски и докторски студии.

Одбележувањето на овој јубилеј следи по зимската школа организирана од МСМЈЛК, која се одржа на почетокот од оваа година, како и по организираната тркалезна маса на Рускиот центар, и двата при УКИМ. Со одбележувањето 45 години изучување на македонскиот јазик, литература и култура на Московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ го продолжува и достоинственото чествување на ликот и делото на Блаже Конески.

Овој настан е дел од годишната програма на МСМЈЛК, а се остварува во рамките на богатата програма посветена на големиот јубилеј на великанот Блаже Конески, како дел од Програмата на манифестацијата „2021 – Година во чест на Блаже Конески“, под покровителство на претседателот Стево Пендаровски, а во координација на Министерството за култура во соработка со Министерството за образование и наука. (Н.И.Т.)