Одбележан Денот на пожарникарството

161

Бригадата за противпожарна заштита денеска со повеќе показни вежби го одбележа Денот на пожарникарството. На настанот присуствуваше и скопскиот градоначалник Петре Шилегов кој ја поздрави построената Бригада и им се заблагодари на пожарникарите за нивната посветеност и пожртвуваност вршејќи ја нивата задача одговорно и професионално.

Шилегов најави дека ќе се набават четири нови возила и противпожарни скали повисоки од оние што во моментот ги има Бригадата за противпожарна заштита.

– Во јуни почнува набавката на возилата, но и скалата. Во размислување сме дали тоа да бидат две скали со височина од 42 метри или една која ќе биде висока 60 метри – информираше Шилегов.

Тој додаде дека за таа цел Градот веќе има издвоено 2 милиони евра, а и постојано вложува во опремување и модернизација на Противпожарната бригада.

– Минатата година обезбедивме нов симулатор за пламени удари кој се користи за вежби преку симулација на реални услови на пожар. Беше набавен нов разгласен систем и во целост беа заменети гаражните врати. Набавени се нови изолациони дишни апарати, униформи и чевли кои ги задоволуваат сите стандарди за безбедност, а обновена е и противпожарната опрема со нови црева и арматури. Ова се само дел од тековните потреби на една модерна Бригада за противпожарна заштита. Знаеме дека оваа опрема долго време ја очекувавте и свесни сме дека вашите потреби не завршуваат тука. На Бригадата за противпожарна заштита ѝ е потребна нова и модерна опрема во согласност со европските стандарди – изјави Шилегов.

(А.П.)