Одбележани 118 години од смртта на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“

54

Денеска со положување на цвеќиња на гробот на Гоце Делчев во дворот на црквата „Свети Спас“, беа одбележани 118 години од загинувањето на македонскиот револуционер кој бил убиен од страна на турската војска во селото Баница.

Во чест и сеќавање на Делчев, делегација од Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, предводена од генералниот секретар Миле Бошњаковски, положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев, како потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, пратеничките Даниела Маркоска и Велика Стојкова – Серафимовска, но и од здруженија и граѓани.

Визионерот кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата. Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија.

По убиството во 1903-та, неговите посмртни останки се чувале во Баница, до 1917 година кога биле пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. До 1923 година, ковчежето со коските се чувало во домот на Михаил Чаков. Останките на Делчев на 11 октомври 1946 година биле пренесени во црквата „Свети Спас“ во Скопје.

– Денес, кога се навршуваат 118 години од неговата смрт, гордо оддаваме почит на делото на нашиот, македонски револуционер, Гоце Делчев. Дејствувањето на енергичниот водач е огромен придонес во создавањето на македонската државност. За нас тој е инспирација, како што им бил и на многу генерации пред нас, како што секогаш ќе остане за сите кои доаѓаат. Затоа што тој е визионерот кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите – вели градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски.