Одбележана Меѓународната недела на сестринството: Медицинските сестри се вистинските херои на нашето време

18

Медицинските сестри се вистинските херои на нашето време, кои продолжуваат секојдневно да се грижат за здравјето и животите на луѓето, истакна претседателот Стево Пендаровски во видео обраќање на денешното одбележување на Меѓународната недела на медицинските сестри.

На настанот, сопругата на претседателот, Елизабета Георгиевска постхумно додели плакети и признанија за медицинските сестри кои ги загубија своите животи работејќи во ковид центрите.

– Денеска се сеќаваме на вашите колешки кои ги загубија своите животи во борбата против вирусот, верни на хуманиот повик до крај. Виолета Кацарска, Дијана Макошевиќ Димовска, Елица Андрееска, Ирена Дојчиновска Милошевска, Нашиде Емини и Мерлинда Алими ги положија своите животи за да спасат други животи. Нивната голема и скапа жртва не обврзува со благодарност да се сеќаваме на нив и да се огледаме на нивната солидарност, но и да вложуваме во унапредување на положбата на медицинските сестри во Северна Македонија, бидејќи само така ќе придонесеме кон подобрување на здравствената заштита на сите граѓани и на целото македонско општество, нагласи Пендаровски во обраќањето.

Министерот за здравство Беким Сали, ги закити медицинските сестри со епитетот „ангели“ и рече дека тие и во време на пандемија од невидени размери вложиле натчовечки напори и учествувале во што поуспешно справување со пандемијата и спасување на човечки животи.

– Свесни сме за предизвиците со кои вие секојдневно се соочувате. Вашите искуства, вештини и знаење ни се потребни за заеднички да креираме политики кои од една страна ќе значат унапредување на статусот на медицинските сестри, а од другата страна ќе значи позадоволни пациенти, нагласи Сали.

Министерот наведе дека во изминатите години се реализирани активности со кои значително се подобрени условите за работа на медицинските сестри и на целокупниот здравствен персонал.

– Имаше и зголемување на износот на додатокот за ноќна работа и зголемување на платите за медицинскиот кадар со високо, вишо и средно медицинско образование. Интенцијата е овој тренд и натаму да продолжи. Во рамки на работните групи, како и во нашите директни средби подготвен сум за здрави дебати, сугестии, забелешки и ваши предлог-решенија за надминување на предизвиците коишто стојат пред сите нас. Еден од долгогодишните предизвици е и спречување и сведување на минимум на одливот на медицински кадар, зашто токму вашата професионалност, знаење и искуство се од непроценливо значење за здравствениот систем. Со ваков пристап сметам дека заеднички придонесуваме за унапредување на статусот на медицинската сестра во општеството, посочи Сали.

Тој ја честита Меѓународната недела на сестринството и потенцираше дека преку заемна доверба, почит и работа заеднички можеме значително да го унапредиме статусот на медицинските сестри затоа што тие тоа го заслужуваат.

Претседателката на Унијата на здруженија на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри, Гордана Бешлиоска се обрати на медицинските сестри порачувајќи им дека нивната професија е божествена и оти „божеството е во медицинските сестри“.

– Многу е убаво денес да се биде медицинска сестра. Кога ќе добиете пружена рака не знаете, случајно не сте побарале да ви ја пружат, да знаете дека тоа било од медицинската сестра. Јас денес ви го честитав празникот со една посвета на медицинските сестри каде што кажав дека ако една жена е убава сите ќе ја гледаат, ако е паметна сите ќе ја слушаат и ќе ја почитуваат, ако е добра сите ќе ја сакаат, а ако е сите три – таа е медицинска сестра. Е сега драги колешки сите овие епитети да ги носите не е едноставно. Треба да бидете свесни што ние во нашата професија претставуваме и колкава и каква е нашата мисија, нагласи Бешлиоска.