„Огнен викенд“ во Македонија – изгореа автомобил, брод и три станбени објекти

204

Во текот на викендов регистрирани се неколку пожари во кои има материјална штета, но за среќа нема жртви. Во центарот на Скопје пред зградата на Владата вчера се запали и речиси целосно изгоре автомобил „опел астра“. Во ноќните часови, противпожаните служби гаснеа пожар на една од галиите во реката Вардар, во сопственост на Град Скопје. А, пријавени се пожари и во два станбени објекти во Скопје и еден во Куманово.

На 18.03.2023 во 14:15 часот било пријавено дека на подрачјето на Центар, настанал пожар  во патничко возило во движење, „опел астра“ со скопски регистарски ознаки, управувано од  Д.А.(57) од Скопје. Повредени лица нема, а пожарот бил изгаснат од страна на Бригадата за противпожарна заштита. Полициски службеници од СВР Скопје излегле на местото на настанот.

На 19.03.2023 во 03:57 часот било пријавено дека на подрачјето на Центар настанал пожар на објект – брод, сопственост на Град Скопје. Пожарот бил изгаснат од страна на Бригадата за противпожарна заштита. Повредени лица нема, а увид врши увидна екипа од СВР Скопје.

На 18.03.2023 во 13:46 часот било пријавено дека на улица „Панче Неделковски“ настанал пожар во куќа сопственост на Ј.Р.(43) од Скопје, при што опожарена била една соба. Пожарот бил изгаснат од страна на Бригадата за противпожарна заштита, а едно женско лице и двајца малолетници поради вдишување на чад биле пренесени во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување на лекарска помош. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.

На 19.03.2023 во 00:06 часот било пријавено дека на улица „Џон Кенеди“ настанал пожар во стан сопственост на Х.Ц.(49) од Скопје, кој предизвикал надворешно оштетување на уште еден стан. Пожарот бил изгаснат од страна на Бригадата за противпожарна заштита. Повредени лица нема, а увид врши увидна екипа од СВР Скопје.

Ноќеска во 02:55 часот било пријавено дека во Куманово, на улица „Милан Лисица“, настанал пожар во куќа сопственост на А.Д. Пожарот бил изгаснат од страна на Бригадата за противпожарна заштита. Повредени лица нема, а увид врши увидна екипа од СВР Куманово.