Огнените интегративци ќе го изгорат Груби?

ДУИ има цврсти позиции во Владата, бидејќи партијата е носител на значајни проекти, дециден е вицепремиерот Артан Груби, кој се чини дека е трн во окото на „огнената група“. Груби уверува дека нема раскол во ДУИ, но за прв пат по внатрепартиските превирања вели дека партијата може и без него.  Во меѓувреме, „oгнената група“ доби директорски места во градските претпријатија, а дел од  петтемина советници на ДУИ во Град Скопје се меѓу потпишаните на писмото од „огнената група“ и важат за блиски луѓе на Иџет Меџити и на Блерим Беџети

73

Дали новите пазарења со директорските места ќе ја смират „огнената група“ или во Мала Речица дополнително ќе се распламтува, засега е неизвесно. Првиот интегративец, Али Ахмети, деновиве се сретна со потпишаните на писмото на незадоволните и уверува дека низ дебата работите ќе се поправат. Во писмото на „огнените“ стојат имињата и на двајца пратеници од редовите на ДУИ, Изет Меџити и Мерита Колчи Коџаџику, за кои се шпекулира дека ќе ја напуштат и пратеничката група. Иако незадоволството е јавно и сè погласно, Ахмети не очекува формирање нова партија.

Во меѓувреме, „oгнената група“ доби директорски места во градските претпријатија, а дел од  петтемина советници на ДУИ во Град Скопје се меѓу потпишаните на писмото од „огнената група“ и важат за блиски луѓе на Иџет Меџити и на Блерим Беџети.

ДУИ има цврсти позиции во Владата, бидејќи партијата е носител на значајни проекти, дециден е вицепремиерот Артан Груби, кој се чини дека е трн во окото на „огнената група“, и уверува дека нема раскол во ДУИ.

– Нема раскол во ДУИ. Па, нели, видовте дека сите беа построени зад Али Ахмети. ДУИ може да функционира и без мене – изјави Груби.

Не само ДУИ, која било партија, која било институција, кој било општествен процес може без секого.

Никој не е незаменлив. Но, се наоѓаме во пресудни моменти, треба да дадеме придонес за да ги надминеме сите кризи и за успешно да ги реализираме проектите. Јас имам најмалку заслуги, најмногу имаат Али Ахмети, граѓаните и народот кој нѐ гласал. Сите достигнувања на ДУИ го носат потписот од 2002 до 2022 година – рече Груби.

Има меѓучовечки односи што не се добри, но не во целина, туку се одредени луѓе. Овие работи треба да се поправат, изјави лидерот на ДУИ, Али Ахмети, по средбата со членовите на партиските ограноци од Чаир и од Сарај, кои пред неколку дена, преку писмо, обвинуваа дека во партијата речиси две години не постојат и не се формираат статутарните партиски тела и дека политичкото одлучување станало индивидуално.

– Со овие пресметки се занимавам веќе 20 години. Извршната власт има други проблеми, органоците и општините имаат други проблеми и природно се појавуваат противречности меѓу овие институции. Со извршната власт, раководителите на ограноците зборувавме да се средат тие нејаснотии, недоразбирања. Во спротивно, нема ништо загрижувачко – изјави Ахмети.

Според него, средбите се конструктивни и треба да постои дебата, бидејќи ништо не е непоправливо.

Пратеникот од ДУИ, Изет Меџити, по средбата со партискиот лидер Али Ахмети, порача дека остануваат на своите барања што беа изнесени во писмото кое минатиот викенд го објавија незадоволни членови и функционери од редовите на интегративците. Но, исто така, порача и дека како што може ДУИ без нив така може и без Артан Груби, првиот вицепремиер, кој во објавеното писмо беше апострофиран како одговорен за состојбите во партијата.

– Без нас е можно затоа што никој не е незаменлив, не само во ДУИ туку во кој било процес, така што е можно без Блерим, Изет и Муса, можеби без Артан. Мислам дека ДУИ работеше и без Артан, и работеше добро, успешно, победа по победа и сакаме да ја вратиме ДУИ како победник во албанскиот табор – рече Меџити по средбата.

Во писмото на „огнената група” потпишани се дваесетина долгогодишни членови и функционери на ДУИ. Тие отворено побараа одговорност од функционери на извршната власт, смена на Артан Груби и Али Ахмети да се заложи да се зачува партиското единство.   (Ј.Ц.Г.)

 

Поранешната градоначалничка на Арачиново стана инспектор во Царината со средно медицинско

Поранешната градоначалничка на Арачиново од редовите на СДСМ, Миликија Халими, се вработила во Царинската управа, како инспектор во Секторот за контрола и истраги, потврдуваат за медиумите од Царинската управа. Халими е вработена на определено време, а на работното место е со средно образование.

– Миликија Халими има заснован работен однос на определено време во Царинската управа од 1.10.2022 година, по спроведен јавен оглас за вработување на определено време, на работното место инспектор во Секторот за контрола и истраги, со средно образование, согласно со Правилникот за систематизација – велат од Царината за „Фокус“.

На социјалните мрежи беше објавена слика од објавата на Миликија на Фејсбук во која и самата обелоденува дека се вработила во Царинската управа, но таа објава подоцна беше избришана.

Инаку Халими, според нејзината официјална биографија, има завршено средно образование во Медицинскиот центар во Тетово, „Никола Штејн“, а потоа се запишала на Педагошкиот факултет, каде што дипломирала во 2006 година.