Оглас за субвенционирање на младите за возачки испит

521

До крајот на овој месец Општина Карпош ќе го распише јавниот повик за субвенционирање на младите за полагање на возачки испит. Како што информираат од Општина Карпош, на огласот што беше распишан за избор на автошколи што ќе бидат вклучени во проект, се јавиле осум, но со седум ќе бидат потпишани договори, бидејќи една не ги исполнувала условите наведени во огласот.

– Во моментов се работи на договорите што треба да се потпишат со автошколите и потоа конечно да се објави огласот на кој ќе треба да се пријават младите кои ќе сакаат со субвенции од општината да полагаат возачки испит – велат од локалната самоуправа.

Првично, Општина Карпош распиша оглас за избор на една автошкола, но по реакција на граѓаните, како и на автошколите тој беше поништен и беше распишан нов во кој беа сменети условите во делот дека ќе бидат земени предвид автошколите што ќе ги исполнуваат условите наведени во огласот.

Одлуката за субвенционирање на млади лица за полагање на возачки испит ја усвои Советот на Општина Карпош, а за оваа намена од буџетот на општината се издвоени 4,1 милион денари, а висината на надоместокот што ќе го добијат апликантите ќе зависи од бројот на пријавени кандидати и од утврдената цена за полагање на возачкиот испит. Субвенционирањето нема да надминува 50 проценти од износот кој се наплатува за теоретска и практична обука при полагањето на возачкиот испит.

(А.П.)