Претседателот на шпанската фудбалска лига, Хавиер Тебас, направи хаос во Примера. Неговата изјава ги налути навивачите на Реал Мадрид и на Баерн од Минхен, а, од друга страна, ги воодушеви навивачите на Барселона.

Сето тоа успеа да го направи на прес-конференција на која зборуваше за Роберт Левандовски, полскиот напаѓач кој е цел на каталонскиот клуб.

  • Се надевам дека Левандовски ќе игра за Барса следната сезона и ќе ѝ ја донесе титулата. Тоа е сè што имам да кажам за него. Се надеваме дека Барселона ќе потврди дека го завршила тој трансфер. Тој е голема ѕвезда, легенда на европскиот фудбал и на Баерн. Тоа би било многу важно за шпанскиот фудбал – изјави Тебас.

Сагата околу Левандовски трае веќе некое време. Во еден момент се чинеше дека клубовите се блиску до договор, па работите се искомплицираа. Полјакот сака да оди во Барселона, Баерн не сака да го пушти тукутака. Можеби, работите ќе се сменат со доаѓањето на Садио Мане.

Инаку, каталонскиот гигант ја испрати и третата понуда за Левандовски, со која Баерн (М) би добил 40 милиони евра, плус 5 милиони во бонуси. Од редовите на германскиот шампион истакнаа дека не сакаат да слушнат за помала сума од 50 милиони евра, а останува да видиме дали ќе пуштат срце и ќе ја прифатат оваа понуда, која е блузи до посакуваната.