Натпреварот меѓу хокеарките на Канада и Русија на Зимските олимписки игри во Пекинг беше одложен за еден час бидејќи канадските хокеарки не се појавија на мразот на салата Вукесонг.

Канадските хокеарки одбија да го започнат натпреварот бидејќи Русинките во изминатите неколку дена имаа шест заразени играчи, а резултатите од новите тестови за коронавирус доцнеа пред натпреварот.

Русинките излегле на мразот, но останале да стојат на сината линија бидејќи Канаѓанките не сакале да им пријдат. Имено, Канада бараше по секоја цена Русинките да играат со маски.

Потоа мечот беше одложен за еден час, а „преговорите“ завршија така што хокеарките на двете репрезентации повторно излегоа на мразот, но носеа медицински маски под кацигата!

На ваквиот исход остро реагираше почесниот претседател на Меѓународната хокеарска федерација Рене Фасел…

  • Не знам ни како да го коментирам тоа. Не разбирам што навистина се случува. Не гледам дека е можно да се игра хокеј со медицински маски. Тоа нема смисла. Не можам да замислам како можеш да играш таков спорт со маски. Тоа е едноставно невозможно, изјави Фасел.

На крајот, натпреварот се одигра, а Канаѓанките го потврдија статусот на најголеми фаворити за освојување на златниот медал, победувајќи со 6:1.