Ова е пораз за сите нас

122

Седумкратниот европски клупски шампион, тимот на Милан и официјално го претстави Стефано Пиоли како нов шеф на стручниот штаб. Пиоли е ангажиран како замена за Марко Џампаоло кој доби отказ после само 111 дена, со што стана тренер со најкраток мандат во 120 годишната историја на калчо гигантот.

  • Не е убаво да се биде тука поради промената на тренерот, затоа што ова е пораз за сите нас, дури и на лично ниво. Сепак, мора да продолжиме понатаму со изборот за кој мислиме дека е најдобар за Милан. Со среќа Стефано Пиоли, кој е фантастичен тренер и кој пристигнува во еден тежок момент, изјави спортскиот директор на Милан, Звонимир Бобан.

Искусниот 53-годишен стручњак потпиша договор кој е со важност до 30 јуни 2021 година и кој му гарантира годишна плата од 1.5 мил. евра. Интересно, во својата тренерска кариера Пиоли има запишано повеќе порази отколку победи, а најрадикалните фанови на „росонерите“ никогаш нема да му ја заборават изјавата која ја даде во 2016 година дека е цел живот е интерист.

Како фудбалер го има носено дресот на Парма, Верона, Фиорентина, Падова и на Јувентус со кој во 1986 година го освои популарното Скудето. Тренерската кариера ја започна во 2003 година како предводник на Салернитана, а бил тренер и на Модена, Парма, Гросето, Пјаченца, Сасуоло, Киево, Палермо, Болоња, Лацио, Интер и на Фиорентина.

После седум одиграни кола од новата сезона во Серија А, Милан е на 13. позиција со 9 освоени бода, а главна цел на тимот од „Сан Сиро“ е пласман во групната фаза од Лигата на шампиони по пауза од шест години.