Поранешната австралиска и хрватска тенисерка Јелена Докиќ, разочарана е од однесувањето на луѓето во време на пандемијата со корона вирусот, особено од паничните купувања и правење на големи залихи од храна.

-Ова што се прави е апсолутно ужасно и непотребно, и не сум сигурна дали сум лута или тажна. Како некој кој видел војна и бил избеглица повеќе пати, како некој кој од прва рака видел како изгледа кога нема храна во продавниците, не затоа  што луѓето премногу купуваат туку затоа што нема во цела земја. Како некој што е гладен и поминал многу денови и ноќи, некој кој немал пари да купи храна и и некој кој со часови стоел во ред за да добие парче леб и кој немал струја и греење кога надвор било и -20, верувајте ми кога велам дека ова е непотребно. Поточно, невидено, нечовечки, непристојно и одвратно, напиша тенисерката на својот профил на Инстаграм и притоа додаде:

-Сега сме во тежок и непредвидлив период, но има повеќе од доволно храна и залихи за наредните години и имаме доволно да се нахраниме сите. Паничните купувања се како кај глувците, а сите тие луѓе кои купуваат толку многу храна, да не зборувам за тоалетна хартија , купиле повеќе од доволно за неколку месеци однапред, може и години. Тоа е смешно. Со ова само покажаа колку се нечовечни и нељубезни. Наместо да бидат себични, тие истите треба да посетат постари луѓе или хендикепирани и да им помогнат, да им купат нешто што им треба, бидејќи тие сигурно останале без залихи. Затоа треба да престанеме да бидеме себични и заедно да поминеме низ овој тежок период, стои меѓу другото во статусот на поранешната тенисерка на Инстаграм.