Во издание на „Паблишер“ излезе од печат книгата „Син“ од шпанскиот автор Алехандро Паломас. Преводот на македонски е на Катерина Јосифовска. Книгата е поддржана од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.

“Во прекрасната книга од едицијата „Приказни што нè обединуваат“, едноставно наречена „Син“ од Алехандро Паломас, станува збор за едно прекрасно насмеано дете по име Гил. Тој е син на отсутна мајка и непристапен татко. Интровертен, а сепак со широка насмевка и голема фантазија. Има само една пријателка – Насија. Зад неговата маска на мирнотија се крие ранлив свет, како дворец од стакло. Копнежот да биде Мери Попинс значи само едно – да ја открие вистината за осуството на мајка си и вистината за својата вистинска природа… Прекрасен, трогателен и истовремено среќен роман за детската психологија. Kнигата обработува современи теми на трогателен и неповторлив начин. Иако е наменета пред сè за деца и млади, успева да го зграпчи вниманието на секој читател од која било возраст, кој навлегува во возбудливата приказна на главните јунаци проткаена со суптилни и прикриени значења што ќе достигнат драматична разврска”, велат од „Паблишер“.

Алехандро Паломас е современ шпански писател, новинар и преведувач на значајни автори. Дипломирал англиска книжевност. Пишува романи за деца и млади и за возрасни. За своите дела има освоено голем број признанија.

Меѓу најзначајните дела му се вбројуваат романите: „Време на срцето“, „Тајната на Хофманови“, „Душата на светот“ и др. За романот „Син“ (2015) Паломас ја доби Националната награда за книжевност за деца и млади во 2016 година.