Објавен романот „Павел, душо моја“ од Алексеј Варламов

52

„Павел, душо моја“ е романот од современиот руски писател Алексеј Варламов којшто на македонски јазик неодамна го објави „Македоника литера“. Преводот од руски јазик е на Ленче Тосева.

„Павел Непомилуев е седумнаесетгодишно, наивно, искрно, мечтателно момче, израснато во советски дух, кој искрено верува во идеите на социјализмот. Израснат во затворен стратешки град некаде во Сибир, Павел доаѓа во Москва за да се запише на филолошкиот факултет, иако е целосно нефилолошки по карактер и по менталитет. Знаењето за упис не е доволно, но со интервенција на некои сили тој успева да се запише на саканиот факултет. Но наместо на предавања тој завршува во државна колективна фарма за собирање компири… ‘Павел, душо моја’, што всушност е реплика на стихови на Пушкин, е искрена романса, роман за растењето, за првото вљубување, за првото сексуално искуство, за првата голема средба со реалниот живот, за храброста да се преиспитаат сопствените верувања и да се бранат пред другите“, ќе посочи издавачот.

Алексеј Варламов (1963) е руски прозаист, филолог, автор на неколку биографии на писатели и на романи, и универзитетски професор. Негови најпознати романи се „Менталниот волк“ (2014) и „Павел, душо моја“ (2018). Добитник е на петнаесетина книжевни награди, меѓу кои: „Александар Солженицин“, „Голема книга (Бољшаја книга)“ за „Менталниот волк“ и за „Алексеј Толстој“, како и на наградите „Октомври“ и „Студентски Букер“. Професор е на Московскиот државен универзитет, предава руска книжевност од почетокот на XX век и во исто време води креативен семинар во Институтот за литература „А. М. Горки“. Член е на Сојузот на руските писатели (од 1993). Држел предавања за руската литература на универзитети во Европа и во САД. Го сметаат за еден од најдобрите стилисти во новата руска литература. Негови дела се преведувани на неколку јазици.

Овој роман е првото дело на Варламов објавено во Македонија.