Здружението за литература, култура и уметност „Галикул“ и Галичката книжевна колонија 2020 ја објавија поетската книга „Ќе фатит бран” од Долорес Атанасова-Лори, лауреат на наградата „Тодор Чаловски“ за 2019-2020 година, именувана по современиот македонски писател Тодор Чаловски (1945–2015).

– Станува збор за извонредна книга за која сме сигурни дека ќе предизвика посебно внимание кај публиката. Со оваа книга сакаме да ја испочитуваме и заложбата на нашиот татко и да дадеме понатамошен поттик да се создава суштинска, бескомпромисна поезија, истакнуваат Данче и Јане Чаловски во името на „Галикул“. Рецензентката на стихозбирката Биљана Стојановска наведува дека авторката ненаметливо настапува на книжевната сцена и не сака по секоја цена да се допадне секому.

– Со охридскиот дијалект во насловот, Долорес Атанасова-Лори храбро ѝ пркоси на стандардната јазична форма и „ризикува“ да создаде отпор кај таканаречената книжевна елитистичка публика (која во суштина и не постои). Мотивот на бранот, кој се провлекува низ целата книга, колку и да звучи апокалиптично и да навестува големи краеви, уништувања, масовни и лични хистерии и нови себепронаоѓања, во суштина алудира на новите создавања, на новите светови и реалности со кои (не) мораме да живееме. Езерото, и водата, генерално, како мотив често се дел од нејзината поетика, пишува во рецензијата. Долорес Атанасова-Лори (1974) е родена во Германија, средно образование завршила во Охрид, а потоа запишала студии по англиски јазик и книжевност во Скопје, каде што живее и работи како професор по англиски јазик. Нејзини песни првпат се објавени во „Букбокс”, а првата збирка поезија „Будење во трето лице еднина“ е објавена во 2014 во издание на „Блесок”. Потоа ги објавила и „Со ветрот под рака“ и „Небо во кафез”.

Нејзини песни се објавувани во поетската збирка „100.000 поети за промена” и во е-книгата „Поетискон”, како и во „Словокулт”, онлајн-списание за уметност и литература, и „Fixpoetry”, германска платформа за литература на интернет. Добитник е на интернационалната награда „Антево слово”, а нејзината поезија досега е преведена на германски, англиски, српски и шпански јазик. Наградата „Тодор Чаловски“, чија цел е да придонесе во континуираното унапредување на современата македонска поезија, досега ја добиле Марта Маркоска (2015/2016), Иван Антоновски (2016/2017) и Биљана Стојановска (2017/2018).