Обучени 60 планинари почетници

95

На Попова Шапка викендот се одржа шестата „Зимска школа“ за планинарење во зимски услови. Регистрирани планинарски водичи и приправници водичи од Федерацијата за планински спортови на Македонија обучија 60 планинари почетници. Организатори беа Планинарско-спортскиот клуб „Макпетрол“ од Скопје во соработка со планинарските друштва „Козјак 2013“ од Куманово и „Јелак“ од Тетово.

– Со ова планинарите почетници по теоретската обука поминаа практично стекнување вештини и знаења за планинарење во зимски услови. Во основната зимска школа тие се запознаа со начинот на работа со цепин, дерези, снежен профил, лавини, изработка на зимско засолниште-бивак, движење во наврска кај покомплицирани терени, движење со дрезги, падови и слично, изјави Александар Стојановски-Цули од ПК Јелак.

Согласно со планот на организаторите се работело во групи, а сите учесници направиле изведба и проба на сите движења, дејствија и потези. Попова Шапка е постојано место за изведба на зимската школа со оглед на задоволителната инфраструктура и зимските услови.