ОБСЕ со критики за Катица, но бара нов мандат за СЈО

СЈО доби критика од ОБСЕ за работата во изминатите две години. Мисијата нотира дека дел од предметите се преплавени со докази и со сведоци, некои од нив непотребни во постапката. ОБСЕ му забележува на СЈО и поради тоа што не ги предало на одбраната прислушуваните разговори како докази

226

Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Северна Македонија, Клеменс Која изрази загриженост во врска законот за специјалното јавно обвинителство, што е предмет на разговори меѓу владејачките партии и опозицијата, како и за мандатот на СЈО. Тој ги повика сите партии да постигнат согласност и да се овозможи СЈО да продолжи непречено да работи. Која во обраќањето на презентацијата на вториот преоден извештај на ОБСЕ за работата на СЈО, кажа и дека исто така е важно СЈО да продолжи да работи на независен и професионален начин.

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева истакна дека очекува законот за СЈО да биде донесен што е можно побрзо и да се овозможи Обвинителството да работи со проширени надлежности. Во целиот овој период од 3,5 години СЈО, посочи Јанева, се обидува да остане во рамките на мандатот што му е даден, а со тоа да му овозможи на судот доволно докази за да донесе соодветни пресуди.

Извештајот се однесува и за времетраењето на постапките, просечната ефикасност и управување со судските процеси, за правичноста и еднаквоста на оружјата, како и за независноста и непристрасноста на судот.

Специјалното јавно обвинителство доби критики за својата работа во извештајот на Мисијата на ОБСЕ за период од 2016 до 2018 година, каде се нотирани заклучоци и препораки за поефикасно водење на предметите на СЈО. Според ОБСЕ дел од предметите на СЈО се преплавени со докази и со сведоци, некои од нив непотребни во постапката. Освен тоа извештајот наведува дека СЈО не обезбедило фер судење со тоа што не ги предало на одбраната прислушуваните разговори како докази.

Овие критики ги потврдија и дел од адвокатите на одбраната кои присуствуваа на конференцијата. Адвокатите тврдеа дека на Никола Бошковски и Горан Грујевски не треба да им се суди затоа што барањето за нивна екстрадиција било одбиено од Грција. Тие се пожалија дека некои од нивните клиенти се речиси секој ден во судница затоа што се обвинети во повеќе предмети, поради што немаат доволно време да ја подготват својата одбрана.

Ова беше причина шефицата на СЈО, Катица Јанева, на повисок тон да им порача на адвокатите дека конференцијата не е место, ниту време, да ги кажуваат своите полаки.

-Не сме тука да ги жалиме обвинетите. Како што е ред, тие треба да бидат присутни во судница, па и секој ден доколку е потребно, бидејќи се обвинети. Точно е дека прислушуваните разговори не се дадени, но тоа е од причина да се заштити приватноста. Не можеме да оспоруваме нешто што е кристално јасно, за што се донесени договори и изгласани закони. Ние сме сериозна институција. Тоа што сметате дека е нарушено правото на одбрана не држи вода и ова не е место за образлагање, им рече Јанева на адвокатите Еленко Миланов, Сања Алексиќ и Петар Василев.

Специјалната јавна обвинителка коментирајќи го извештајот на ОБСЕ рече дека генералната оценка е дека СЈО може подобро да ги извршува задачите. Таа рече дека очекува до крајот на годинава да има пресуди во повеќето предмети.

-Треба да чекуваме епилог овој период. Сепак изминаа две години откако некои обвиненија се поднесени, а за некои изминаа и три години. Недозволиво и неодговорно е што се уште немаме судски одлуки. Сметаме дека судот треба поактивно да се однесува. Очекувам до крајот на годинава пресуди за повеќето предмети, рече Јанева.

Во врска со тоа што СЈО не ги предаде на одбраната прислушуваните разговори заедно со останатите доказни материјали, Јанева рече дека тие можеле да ги слушнат во било кое време во 18-те месеци додека траела истрагата.