Обновен дрворедот на улицата „Орце Николов“

71

Службите на Општина Центар засадија нови садници на местата на старите, шупливи и болни стебла, кои беа отстранети при реконструкцијата на улицата „Орце Николов“.

Како што информира Општина Центар, засадени се 15 веќе подраснати стебла јавори, од видот „acer campestre“, од контејнерско производство, високи над 4 метри и со обем на стебло од 22 до 26 сантиметри.

– На почетокот на јуни Општина Центар ги отстрани старите и болни дрва поради поплаките од жителите од околината, кои бараа да бидат отстранети затоа што при секое поголемо невреме имаше опасност од нивно паѓање и нанесување штета. Новите дрва во годините што следат повторно ќе го вратат препознатливиот зелен лик на улицата „Орце Николов“ – потенцираат од локалната самоуправа и додаваат дека со ова се става крај на шпекулациите за наводно проширување на коловозот или на објектите на улицата.

– Според проектот за реконструкција на „Орце Николов“, зеленилото на улицата е зголемено за 20 отсто од пред реконструкцијата. Покрај јаворите, во долниот дел ќе се засадат и ниски грмушести садници, кои освен декоративната улога, ќе го следат движењето на улицата, ќе придонесат кон заштитата на животната средина и прочистувањето на воздухот – се додава во соопштението.

При реконструкцијата на улицата „Орце Николов“, во јуни годинава, на потегот од раскрсницата со улицата „Ленинова“ до раскрсницата со улица „Рузвелтова“ беа исечени 13 дрвја. Тогаш градоначалникот Богдановиќ истакна дека дрвјата биле исечени бидејќи се болни, стари, а некои биле без корен и дека претставуваат опасност за минувачите, но најави дека наесен тие ќе бидат заменети со нови дрвја од видот јавор.

Ваквиот потег на Општина Центар тогаш наиде на негодување од граѓаните, од повеќе невладини организации, меѓу кои „Биди зелен“, „Здравје пред профит во Центар“, а Зелен хуман град по тој повод одржа и протест под име „Кога пилите ќе стивнат“.

(А.П.)