Обезбедени 150 пакети со прехранбени продукти за пензионерите со ниски примања

108

Општина Центар, во соработка со невладината организација „Банка за храна“, обезбеди донација од 150 пакети со прехранбени продукти и основни намирници за живот за пензионерите со ниски примања на територијата на Центар, како и на згрижувачките семејства и децата деинституционализирани од Специјалниот завод „Демир Капија“, кои живеат во мали групни домови на територијата на Центар.

Како што информираат од Општината, почитувајќи ги сите мерки на претпазливост и заштита од ковид-19, мобилни тимови и волонтери од Здружението за поддршка и развој „Хуманост“ и служби од Општината, овие пакети им ги поделиле и доставиле до нивните домови, како би се овозможило зголемена безбедност и заштита на овие лица и група граѓани.

– Овие хумани акции и донации се обезбедени со поддршка од општествено одговорни компании, кои несебично се вклучија во хуманата мисија на Општина Центар и „Банка за храна“ и обезбедија помош за најранливите категории кои живеат во Центар, соопштија од локалната самоуправа.

Општина Центар продолжува и во наредниот период со обезбедување донации од општествено одговорни компании и хумани поединци, со цел обезбедување финансиска и социјална сигурност за граѓаните кои живеат во социјален ризик. Сите заинтересирани возрасни лица над 65 години, приматели на ниски пензиски примања можат да ги контактираат службите на телефонскиот број: 072 308 758 и да се пријават во Здружението за поддршка и развој „Хуманост“ и Здружението на пензионери на Општина Центар, за помош и поддршка во обезбедување донации.

– Како локална самоуправа продолжуваме и понатаму посветено во обезбедување што е можно подобри услови за живот на социјално загрозените категории граѓани, преку реализација на различни проекти и активности – потенцираат од Општина Центар.