Откако пред една недела беше избран за нов претседател на Кошаркарската Федерација на Северна Македонија, Перо Антиќ, во ексклузивното интервју за весникот „ВЕЧЕР“ ги откри првичните планови околу мак-баскетот. Идолот на многу генерации и трикратен шампион во Евролига даде свое мислење и за напредок на кошарката на клупско, но и репрезентативно ниво.

Евидентно е тоа дека ако некој знае што недостасува за враќање на публиката на трибини, тоа секако е Антиќ, кој изминатите две децении пркосеше низ Европа со тимовите во кои настапуваше, а наедно стана и првиот Македонец кој заигра за најквалитетното клупско натпреварување – НБА лигата.

Неколку денови сте на чело на Федерацијата, каква е првичната слика?
– Сликата е лоша околу тоа во каква ситуација е оставена Федерацијата. Но, затоа сме тука, работиме со полна пареа секој ден се со цел да ги стабилизираме нештата. Одиме кон подобро и се надевам дека во наредните две недели ќе успееме да ја стабилизираме ситуацијата. Оптимисти сме, ја очекуваме најавената помош, бидејќи Федерацијата е ставена на едно многу ниско ниво. Ќе направиме и ревизија на финансиските извештаи бидејќи според тоа што начекавме, ова е далеку од прописите и правните рамки на една Федерација.

Дали ваквата ситуација може да биде дефинирана како главен виновник кога е во прашање квалитетот на лигата?
– Вина може да се бара во сè што ќе посакате, но сметам дека главен проблем се условите. Мислам дека не им се дадени соодветни услови на кошаркарите, такви какви што заслужуваат. Оваа Федерација постои токму поради тоа, да се дадат најдобрите можни услови на секој кошаркар. Федерацијата во минатото располагаше со добар буџет, но на крајот цифрата помалку смешно падна речиси на четири бројки, што е навистина лошо за ваква установа.

Тоа значи дека од новата сезона клубовите да бидат поисполнителни кога е се во прашање финансиите?
– Работнички е еден од клубовите кои не должи ништо кон Федерацијата. Некои тимови се во лоша ситуација, но одиме кон подобро. Има неколку клубови кои не ги исполнија финансиските плаќања, сакаме да им излеземе во пресрет на нив, но да не се класифицираа, сепак ова е тимски спорт и сакаме кон сите да бидеме исти. Се надеваме на професионална соработка со клубовите, засега имаме со сите добар однос и наедно се надевам дека и во иднина ќе останеме така. Ние сме тука за нив, а се надевам дека и тие ќе бидат тука за нас. Заедно ако работиме ќе биде одлично за сите страни.

Какви се Вашите планови кон репрезентацијата и ангажирање на некој нов натурализиран кошаркар?
– Моментно размислуваме за нашите кошаркари, па затоа не можам да кажам околу донесување на странец во репрезентацијата. Има многу добри млади кошаркари на кои треба да им се даде шанса, трпение и поддршка. Се разбира дека ќе бараме да се остваруваат резултати, а воедно репрезентацијата ќе биде клуч за сите играчи да сфатат дека мора се борат за местото во националниот тим. Секогаш може подобро, па затоа се надевам дека помладите ќе внесат повеќе квалитет во дресот на Македонија. Секогаш ќе инсистирам предност да имаат македонските кошаркари. Исто така планираме да ангажираме професионален тренер од Фенербахче, кој би работел на физичката подготовка со репрезентативците во периодот додека се на пауза од клупските обврски.

Како ќе се реши проблемот околу публиката, односно како ќе ја вратите на трибините?
– Факт е дека кошарка без публика не оди. Во минатото за време на дерби натпревар се одеше два часа порано за да се фати место. Сега сликата е сосема поинаква. Бев на еден дерби-натпревар, 50 навивачи од едниот и 50 од другиот клуб и тоа е целата публика, што е премалку за еден таков меч. Ни фали заедништво, постојано има препукувања од сите страни. Навивачите ја загубија желбата да одат во сала, но се надевам дека наскоро тоа ќе си дојде на свое место и публиката ќе се врати во сала. Сакаме да ги вратиме релациите публика – тим и публика – репрезентација.

Што мислите околу тоа што Македонија има само еден претставник во АБА лигата?
– Тоа е жалосно. Имаме добри тимови, а МЗТ Скопје има и евролигашки услови, современа арена… Ние правиме напори шампионот во иднина да не добива само трофеј во домашното првенство туку да биде и финансиски потпомогнат од страна на Федерацијата. Шампионот исто така мора да почне од некое ФИБА натпреварување, да не биде само АБА-лига, иако и оваа лига е квалитетна, особено ако во наредната сезона влезе и тимот на Олимпијакос. Наша цел е да се издигне спортот прво кај нас, говорам во сите градови, како на пример во Битола, во Кочани, во Струмица, се со цел кај младите да се врати желбата за кошарка. И на тие градови им е преку глава што немаат свој клуб, а знам дека има таленти и во останатите градови. Во иднина повеќе фокусот ќе биде насочен и кон младинските категории, мора да се работи и во останатите градови кон пронаоѓање на таленти, а не само во Скопје. Исто така мора да има повеќе опции за секој кошаркар во иднина, ја разгледуваме можноста и на спроведување регионални лиги како и турнири за млади.

Неодамна истече суспензијата на младиот кошаркар Ненад Димитријевиќ, каков е вашиот став околу ова?
– Тоа не постои за мене. Јас и тогаш бев против суспензија. Лично јас го натерав да дојде во репрезентација и затоа секогаш ќе му биде отворена вратата во репрезентацијата. Казни секогаш ќе има, но што ќе добијам јас со тоа ако санкционирам некого, каква би била неговата иднина во репрезентацијата. Јас ќе практикувам во иднина секоја ситуација да се реши со разговор, очи во очи, бидејќи само така можеме да бидеме пример за добра соработка едни меѓу други. Секогаш сум бил и ќе бидам противник за изрекување на казни.

Како ќе го решите проблемот за драконски казни од страна на МВР?
– Во иднина ќе гледаме да има обвинител на секој натпревар. Можеби јас како навивач сакам намерно да му наштетам на МЗТ или на Работнички, што во овој случај клубот не е виновен. Моментно сме во некакви преговори за да се заштитат клубовите, а воедно и казните да се намалат.

Наближува Светското првенство во Кина, какви се вашите очекувања?
– Секогаш сакам да гледам балканска кошарка, па поради тоа би сакал Србија да игра во финалето. Доколку не се вкрстат нашиот северен сосед и селекцијата на САД, сметам дека овие две репрезентации ќе играат во големото финале.

Марио СОТИРОВСКИ
Кристијан ТРАЈКОВСКИ
ФОТО: Петар Стојановски