Обвинителката Трајчева со нови докази во предметот „Шпански скали“

75

Обвинителката Ивана Трајчева изнесе нови докажи против обвинетите во случајот „Шпански скали“. На денешната расправа меѓу доказите се и мислења, барања, потврди, договори, известувања и предмети на кои стојат потписите на обвинетите кои се товарат за злоупотреба на службената должност.

Обвинети се поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески и неколку службеници од ова министерство поради злоупотребата на службената должност за договори за продавање на државно земјиште во центарот на Скопје.

Во случајот „Шпански скали“, покрај ексминистерот Јанакиески, обвинети се Димитар Димовски, Билјана Дејановска – Димитровска, Виолета Самарџиска, Анета Јорданова, Дејан Митевски, Емилија Радојкова, Снежана Крстевска, Ристо Папазов, Лидија Смиљановска и Марјан Јованов.

На обвинетите им се става на товар дека сториле кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување, а едно од лицата е обвинето за сторено кривично дело – Несовесно работење во службата.

При спроведувањето на истражната постапка е утврдено дека првоообвинетиот заедно со петмина административни службеници, со неизвршување на своите службени должности, постапиле спротивно на одредбите од Законот за изменување и дополнување на Законот за градежно земјиште.

Тие не иницирале постапка за раскинување на Договорите за оттуѓување на градежно земјиште и враќање на градежното земјиште во сопственост на државата, ниту наплатиле договорна казна со што овозможиле купувачите да се стекнат со противправна имотна корист. Ова, според обвинението, ја чинело државата 2,6 милиони евра.

Судењето за овој предмет го води судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, додека застапник на обвинението е јавната обвинителка Ивана Трајчева.