Фирмите пред избор за април и мај државата да им помогне со минимална плата или со половина од придонесите за работниците

Барањето за помош во плата треба да се достави до УЈП до 3 во месецот, а парите ќе се добијат до 13 истиот месец. Еден од условите е да не се намалува бројот на вработени заклучно до септември, а оние кои ќе добијат помош без да ги запазат критериумите за тоа, освен што ќе ги вратат парите, ќе платат и камата

1011

Нето плата до 14.000 денари за вработените или половина од придонесите за нив, се двете варијанти на директната помош што можат да ја добијат од државата  фирмите кои поради кризата западнале во тешкотии. Ваквата помош, која е со цел да се спасат работните места додека трае кризата е предвидена со вториот пакет мерки на Владата, а за нејзина реализација е донесена Уредба со законска сила.

Работодавците кои ќе се најдат во ситуација на неликвидност поради која не можат да ги намират обврските кон своите вработени, можат да добијат само една од понудената помош – или плата или придонеси и тоа за месеците април и мај.

Работодавците кои ќе побараат помош во минимална плата за своите вработени соодветниот образец треба да го достават до Управата за приходи најдоцна до 3 во месецот. Потоа, најдоцна до 13 во месецот на својата сметка ќе ги добијат парите, што треба да ги префрлат на сметките на вработените.

Според Уредбата со законска сила која ја донесе Владата оваа помош е наменета за сите фирми од приватниот сектор кои се погодени од кризата, без разлика од која дејност се.

-Уредбата го опфаќа секое претпријатие од приватниот сектор кое вработува работници врз основа на договор за вработување и секое правно лице и работодавачите кои преку приватни агенции ангажираат работници за извршување на работните задачи, појасни техничкиот премиер Оливер Спасовски.

Но, со Уредбата  е предвидено плата што ќе им се даде на работодавците за да ја уплатат на сметките на своите вработени да не биде иста за секој работник. Нејзината висина ќе зависи од бројот на часови што ефективно ги одработил работникот во текот на месецот, па така, ако имал полно работно време од осум часа дневно, ќе добие цела минимална плата од 14.500 денари. Ако работел помалку часови, сумата ќе се скрати сразмерно со одработеното.

За да аплицира за една од мерките за помош од Владата работодавецот треба да исполни одредени услови. Точните услови се наведени во Уредбата што вчера требаше да ја објави „Службен весник“, но до затворањето на весникот тоа не се случи.

Оние компании кои ќе се пронајдат во критериумите од  Уредбата  и ќе оценат дека им треба помош во форма на минимална плата барањето ќе го поднесуваат во УЈП преку системот на е-даноци. Управата пак, е задолжена веднаш да ги утврди формата и содржината на обрасците за барањето.

-Во член 5 од оваа Уредба е утврден и начинот за аплицирање за стекнување право на финансиска  поддршка преку алатката за интегрирана месечна пресметка за интегрирана наплата на УЈП преку посебна шифра за оваа намена, појасни Спасовски.

УЈП има обврска во рок од три дена по приемот на барањето од работодавецот за исплата на минимална плата за работниците да утврди дали тоа е комплетно. Информацијата колкава финансиска поддршка ќе добие фирмата што ја побарала треба да ја даде по обработката на апликацијата. Исто така, УЈП за ова има обврска да ја извести и Владата.

Работодавците кои ќе користат поддршка за плата имаат обврска заклучно со септември да го задржат истиот број вработени како во месеците кога ја примале поддршката, со исклучок на оние работници кои се пензионирале, или починале. Ова се однесува за сите вработени, односно како за оние на  неопределено така и за оние на определено и  скратено работно време.

-Уредбата утврдува дека работодавачот кој користел финансиска поддршка за плати има обврска да ги врати добиените финансиските средства во целост заедно со камата за јавни давачки доколку по извршената контрола од Управата за јавни приходи и од инспекторатот за труд се утврди дека работодавецот не ги исполнил условите за стекнување право за користење на оваа мерка, појасни техничкиот премиер.

Парите што работодавците ќе ги добијат за плати на вработените ќе треба да ги вратат во буџетот под услови пропишани во Уредбата.

Алтернативната мерка за покривање на 50 проценти од придонесите за плати на работниците  исто така е утврдена со Уредбата и таа мерка е финансиска поддршка на фирмите со намалена ликвидност. Сумата од 50 проценти се утврдува според просечната бруто/плата по работник исплатена во државата во јануари годинава.

Се проценува дека со субвенција од  минимална плата од 14.500 денари ќе се опфатат 250 илјади работници од 35 илјади компании, што е околу 87 проценти од вкупниот број мали и средни претпријатија во државата.

Со алтернативната на оваа мерка, плаќање 50 проценти  од придонесите, се очекува да бидат опфатени околу 20 проценти од осигурениците, или 53 илјади лица. За ова се потребни околу 284 милиони денари месечно, односно близу 567 милиони денари за април и мај.

Донесена е и уредба за помош на физичките лица кои вршат самостојна дејност, вклучувајќи ги и  занаетчиите, кои се погодени од кризата. И тие добиваат финансиска помош од најмногу 14.500 денари за април и мај, а парите ќе им легнуваат на трансакциска сметка.

(С.В.)