НФЛ-играчот и член на Филаделфија иглс, Џош Силс (25), е обвинет за силување и киднапирање на само две недели пред најголемиот натпревар во неговата кариера – Суперболот.

Тој е обвинет дека извршил застрашувачки работи во 2019 година, во Охајо. Учествувал во сексуална активност без заемна согласност и ја држел жртвата против нејзина волја, пишуваат американските медиуми.

Иако „офанзивецот“ дури сега беше обвинет и пријавен, сепак, локалниот шериф и властите спроведоа темелна истрага. Силс треба да се појави на суд на 16 февруари, четири дена по Суперболот, во кој ќе се сретнат Филаделфија и Канзас Сити, во Глендејл. Исто така, не било наведено колку години има жртвата, ниту било пријавено како се чувствува таа.

Силс не беше дел од тимот на Филаделфија во текот на првите два натпревара од плејофот и неизвесно е дали ќе може да игра на натпреварот за титулата.

  • Нашата организација е свесна за правната ситуација во која е вклучен Џош Силс. Разговараме со канцеларијата на лигата и собираме повеќе информации. Немаме дополнителни коментари за овој случај – соопштија од тимот на Филаделфија.

Силс ѝ се приклучи на Филаделфија како дебитант оваа сезона и се појави на еден натпревар против Аризона во октомври, кога беше дел од специјалниот тим и настапи во четири акции.

Од 2016 до 2019 година играше за Универзитетот „Западна Вирџинија“, по што ги заврши студиите на државниот универзитет во Оклахома.