– Она што го јадете е клучно за здрави ум и тело, како и за одржување на нивото на енергија во текот на долгите летни денови. Но, не многу луѓе сфаќаат колку е важна исхраната во текот на летото – вели нутриционистката Марија Соколоска за весникот ВЕЧЕР

Марија СОКОЛОСКА

Летото може да биде супер забавно и инспиративно за слабеење и не само за тоа, многу луѓе се мотивираат да го променат начинот на исхрана или се обидуваат да се хранат здраво. Огромните желба и мотивација понекогаш ги водат и до огромни грешки, кои може да го нарушат целокупното здравје.

Денес ќе ви укажам на дел од грешките во исхраната што треба да ги избегнувате во текот во летниот период.

Дали правите некоја од овие грешки во исхраната што потенцијално може да доведе да се разболите во текот на летото?

– Летото е време кога многу луѓе стануваат плен на зголемените температури, што може да доведе до голем број проблеми. Летните здравствени проблеми може да бидат бенигни, како главоболка и гадење или тешки како топлотен удар, дехидратација, запек и дијареја. Токму затоа на луѓето им советувам особено да се грижат за своето здравје, пред сè преку исхраната и фитнесот. Вашата исхрана може да ги влоши или да ги ублажи вашите здравствени проблеми во текот на летото. Она што го јадете е клучно за здрави ум и тело, како и за одржување на нивото на енергија во текот на долгите летни денови. Но, не многу луѓе сфаќаат колку е важна исхраната во текот на летото.

Нутриционистичките барања на вашето тело се различни за секоја сезона, а во лето мора да внимавате да вклучите во вашата секојдневна исхрана храна што е лесна за стомакот. Дополнително, овие намирници и пијалаци мора да бидат „способни“ да ве заштитат од дехидратација, како и да го одржуваат оптималното ниво на енергија.

 

Пиење разладена вода

Сите сме биле прекорени од родителите што сме посегнале по разладено шише со вода, веднаш откако сме стигнале дома по денот поминат на сонце. Овие грижи не се без причина. Пиењето разладена вода може да го шокира вашиот систем и да резултира со болки во грлото, како и со дигестивни проблеми.

Пиење премногу кофеин

Кофеинот ве дехидрира поради диуретичното својство. Така, ако пиете премногу кафе или чај во текот на летото, може да имате главоболка и да се чувствувате дехидрирано.

 

Ладни пијалаци и сокови со шеќер

Повеќето разладени пакувани сокови и ладни пијалаци содржат прекумерни количини шеќер, што може привремено да ја зголеми вашата енергија, но може да резултира со енергетски удар по неколку дена. Затоа, отфрлете ги ладните течни калории и пијте само свежи овошни сокови со природни шеќери во себе.

 

„Несреќни“ брзи диети

Многу луѓе чувствуваат интензивен притисок да спортуваат за да го „доведат во ред“ своето тело во текот на летото. Многу луѓе зборуваат за летно тело и за слабеење за во лето. Ова може да поттикне многу луѓе да преземат модни диети што ветуваат брзи резултати, но имаат сомнителни ефекти. „Несреќната“ диета може да доведе до бавност, главоболки, гадење и дијареја. Одбијте го овој притисок за да постигнете одреден тип на тело и наместо тоа, јадете здраво за да се чувствувате енергично и свежо.

 

Избегнување јајца, риба и пилешко

Постои заблуда дека јајцата, рибата и пилешкото создаваат прекумерна топлина во телото и оттука мора да се избегнуваат во текот на летото. Ова не е вистина. Сите три намирници се богати со протеини, што е, исто така, важно за одржување на здравата тежина во текот на летото. Сепак, можеби ќе сакате да ги намалите порциите на помрсни меса како овчо, говедско и свинско во текот на летото.

Без разлика какви се вашите очекувања од летото, важно е да изградите здрави навики во исхраната за остар и буден ум и за здраво тело. Не правете грешки, уживајте во летото и бидете умерени во исхраната.