Нуркачите извадија пластични шишиња, лименки, амбалажа, конзерви…

72

Во големата еколошка акција што беше спроведена викендов на две локации – кај Изворите на Црн Дрим кај Свети Наум и на пристаништето во таа населба на источното крајбрежје на езерото од страна на нуркачкиот клуб „Амфора“ од Охрид, беше извадена голема количина разновиден цврст отпад, како што се пластични шишиња, лименки, пластична амбалажа, конзерви. ЈП „Охридски комуналец“ ѓубрето го однесе на депонија.

Во акцијата се вклучија 28 нуркачи од Нуркачкиот центар „Амфора“, од Спелеонуркачки клуб „Врело“ од Скопје, како и припадници на нуркачкиот тим на БСС на АРМ кои се вклучуваат во сите поголеми еколошки акции и активности што ги организира охридскиот клуб.

Баталјонот за специјални сили веќе втора година активно учествува во еколошките акции за зачувување на Охридското езеро. Во соработка со нуркачкиот клуб Амфора се спроведе акција на чистење на дното на езерото во реонот на Свети Наум.

Од „Амфора“ истакнуваат дека најголемата количина цврст отпад доаѓа преку реките кои се вливаат во езерото. Раководителот на „Амфора“, Јован Секулоски, потсети на нивната иницијатива од пред неколку години за изградба на мини-брани на дотоците што би го собирале отпадот и на тој начин би било спречено амбалажата да завршува во езерото.