Нуредини: Ќе се раскинат до седум договори за хидроцентрали на Шар Планина

42

Министерот за животна средина Насер Нуредини изјави дека откако е на чело на овој ресор не дал никаков предлог до Владата за изградба на ниту една мала хидроцентрала во земјава.

-Доколку нема штета во животната средина, ќе ги видиме условите, може да се инвестира, но во исто време ние како Министерство се задолживме да раскинеме пет до седум договори што беа дадени во минатото во Шар Планина, рече Нуредини, појаснувајќи дека станува збор за концесии кои се уште биле само на хартија и не почнале да се градат.

За веќе изградените хидроцентрали на Шар Планина, сега Национален парк, Нуредини во емисијата „10 минути“ на ТВ21, рече дека имаат концесии до 20 години, додека дел од концесиите се доделени и во 2019 година.

По 20 години, нивната сопственост ќе ја преземе државата, која одлучува дали ќе продолжи да ги држи во функција или ќе ги стопира, рече министерот.

Запрашан дали имало обид за влианије од некого за да не се поништат овие договори, Нуредини рече дека никој не му се мешал во работата и одлуките како министер за животна средина.

– Не сум имал никакво барање од ниту еден политички член да не се извршува оваа работа, но имав поддршка да ги стопирам оние кои беа во заштитените подрачја како што е планината Шара и разговараме со други две кои се во Националниот парк Маврово, за да можат и тие да се повлечат затоа што таму имаме отворен случај од Бернска комисија против нашата земја зошто сме дале концесија“, рече Нуредини.