Нуредини не ги знае причините за намалувањето на нивото на Преспанското езеро

44

Министерот за животна средина, Насер Нуредини најави дека формирана е работна група од експерти од нашата земја, Албанија и од Грција за намалување на нивото на Преспанското езеро, а веќе наредниот понеделник ќе имаат и средба, на која ќе присуствува и градоначалникот на Преспа.

– Не би сакал да шпекулирам, штом ќе имам детални информации, тогаш ќе можам да ве известам за тоа кои се причините за намалувањето на нивото на Преспанското езеро – рече Нуредини.

Тој потенцира дека на езерата во нашата држава се инсталирани и неколку мерни станици, кои го мерат нивното ниво, а веќе имаат и сугестија да се зголеми бројот на таквите мерни станици како за езерата, така и за изворите за вода за пиење во земјава.

– Свесни сме за климатските промени и се разбира дека соодветно ќе мора да реагираме на тоа. Имајќи предвид дека имаме и многу сува зима, немаше никакви врнежи, ниту од дожд, ниту од снег, морам да кажам дека треба да изнајдеме начин да работиме заедно со сите инволвирани институции, а прво со Министерството за земјоделство со цел да направиме планови, како да се помине летото. Затоа што имајќи предвид каква зима имавме не очекува и сушно лето – вели Нуредини.

(Извор: МИА)