Нуредини: Државните службеници ќе селектираат отпад

63

Педесет собирни садови – вендинг машини ќе бидат поставени во државните институции со цел вработените да можат да го селектираат отпадот. За министерот за животна средина, Насер Нуредини, ова ќе се направи со цел органите на власта и државни службеници да бидат пример како соодветно се имплементираат новите закони и како правилно се одложува отпадот.

– Новиот пакет закони за управување со отпадот, што ги изработи Министерството за животна средина ги просторно планирање, а ги усвои Собранието се во функција на зелената трансформација на економскиот систем и воведувањето на принципот на циркуларна економија. Селекцијата, рециклирањето, реупотребата и преработката на отпадот пред негово депонирање станува обврска за сите. Со тоа промовираме одржливо користење на природните ресурси, заштита на животната средина и иновација на технолошките процеси – смета Нуредини.

Според него, со ваквите машини секој граѓанин може да го одложи отпадот и додека пазарува и лесно се применува системот на кауција, со што се стимулира поеколошко пакување и задолжителен поврат на амбалажата, а граѓаните добиваат финансиски поттик за одговорното однесување.

“Зелените поени” што се добиваат по одлагање на отпадот можат да се искористат за купување, а во иднина и за плаќање на општински и јавни услуги.