Маж кој помина 21 ден во задолжителен карантин по враќањето во Кина од странство, e означен како нулти пациент на новиот бран во оваа азиска земја.

Во провинцијата Фуџијан на југоисточниот брег на Кина, повеќе од 60 луѓе се новозаразени, вклучително и 15 ученици од основно училиште. Короната повторно се појави само две недели откако Кина се избори со најсилниот бран од појавување на вирусот во последната година, пишува СиЕнЕн.

Новите инфекции за првпат се откриени кај двајца браќа за време на рутинско тестирање во основно училиште во округот Ксианиу, во близина на градот Путијан. Друг ученик и тројца родители биле позитивни следниот ден.

Најверојатен извор на инфекцијата е еден од родителите, таткото кој неодамна се вратил од Сингапур, и покрај фактот што тој бил во карантин по неговото пристигнување во Кина.

Човекот пристигнал во Ксиамен, главниот крајбрежен центар во Фуџијан, на 4 август, каде што престојувал во задолжителниот хотелски карантин 14 дена. Потоа поминал уште една недела во централизиран карантин на одредена локација во градот, пред да се врати во куќата каде што бил под здравствена контрола уште една недела.

Заразен дури и по 37 дена

Тој бил тестиран на вирусот девет пати во текот на тринеделниот карантин, пред да биде позитивен во петокот, 37 дена по влегувањето во Кина.

Ограничувањата на Кина за границата и задолжителните услови за карантин за пристигнување во странство се едни од најстрогите во светот.

Кинеските власти не откриваат кога, каде и како го добил вирусот, но периодот на инкубација подолг од 21 ден е многу невообичаен. Истражувачите од провинцискиот Центар за контрола и превенција на болести во Гуангдонг откриле дека делта варијантата има просечен период на инкубација од четири дена.

Според владата, во неделата попладне се пријавени 32 нови случаи и 32 асимптоматски инфекции. Кина посветува посебно внимание на симптоматски и асимптоматски случаи и не вклучува асимптоматски носители на вирусот во официјалниот број потврдени случаи.

Инфекцијата се проширила и во други градови во провинцијата. Кинеската национална здравствена комисија во понеделникот објави дека се регистрирани шест локално пренесени случаи во Квангжу.

Како што пишува СиЕнЕн, случаите следат по повторното ширење на инфекцијата предизвикана од делта сојот, и тие се проширија на половина од кинеските провинции. Заразени се над 1.200 луѓе. Растечкиот број случаи е огромен предизвик за досега бескомпромисната политика на Кина за нулта толеранција кон корона вирусот.

Локалните власти реагираа со ставање десетици милиони жители во строг карантин, спроведување масовни тестирања и мониторинг кампањи и ограничување на патувањата.

Кон крајот на август, здравствените власти објавија дека епидемијата е ефикасно ставена под контрола. Иако стратегијата изгледаше успешна, експертите велат дека на кинеските власти им требало повеќе време за да ја вратат инфекцијата на нула во споредба со претходните епидемии.