НСП: Во ек на економска криза МВР воведува осумчасовни смени

786

Независниот синдикат на полицијата реагира дека на измената во работното време на полициските службеници, која се воведува во екот на енергетската криза и досегашните 12-часовни се заменуваат со осумчасовни смени е сериозен проблем и апелира министерот и директорот на БЈБ итно да го надминат.

Претседателот на Независниот синдикат на полицијата Гоце Делчев, денеска на прес-конференција пред МВР појасни дека овие измени, значат дека полициските службеници кои досега требало да патуваат по 12-13 пати во текот на месецот сега треба истото да го прават 21-22 пати.

– Во ек на економска и политичка криза со цените на горивата на неколку поедицни во МВР им текна една интересна идеја смените да ги префрли од постојните на работа по осум часа на ден. Ова е сериозен проблем и прашање што уште утре, министерот преку директорот на БЈБ треба да го надминат, изјави Делчев.

Оваа состојба, нагласи тој, критично се одразува на егзистенцијата на полицајците затоа што поголемиот број воопшто не работат во своите општини и треба да патуваат.

– Како да одат на работа на осумчасовно работно време од Гостивар до Ростуше или од Прилеп до Старавина. Тие се места што се по 70-80 километри оддалечени од местото на живеење на полицајците, рече Делчев.

Од НСП посочуваат дека овие, како што посочуваат, избрзани решенија системски го уништуваат полицаецот и го намалуваат неговиот семеен буџет.