Ноќните клубови нема да чекаат дозвола од Владата од наредниот викенд почнуваат со работа

192

Сопствениците на ноќни клубови во земјава најавија граѓанска непослушност и своеволно отворање на клубовите од наредниот викенд доколку Владата остане глува на нивните барања за отпочнување со работа, Горан Арсовски, претставник на Здружението на ноќни клубови, изјави дека одлуката ја носат како резултат на „целосната дискриминација на ноќните клубови од страна на власта“ и како што вели, по неколкуте неуспешни обиди за состанок со нејзини претставници, на кој би се дискутирало за нивниот опстанок.

–Ноќните клубови во затворен простор во Македонија се единствените од целиов регион и од целиот свет кои со одлука на Влада се во целост затворени и не работат повеќе од 19 месеци. Единствено кај нас не се најде начин и решение да работат со соодветни протоколи за работа, тврди Арсовски.

Тој посочи дека „се останато си работи нормално“, како воопшто да нема коронавирус, а помали капацитети од нивните со доста понебезбедни услови од условите што тие можат да ги обезбедат ја превземале улогата на организатори на забави.

Велат дека немаат никаква финансиска помош и се принудени секој сам како знае и умее да ги сервисира режиските трошоци, ратите од дадените кредити од развојна банка, кои им беа понудени како помош. За сите овие 19 месеци во кои не работат Владата им дала минимална финансиска помош само за два месеци. Ноќните клубови бараат да започнат со работа со соодветни протоколи, во иста мера ригорозни како останатите кафе барови и ресторани, односно со 50 отсто од капацитетите на објектите и само со вакцинирани лица.

–Не ја гледаме логиката секојдневно да сведочиме на забави и „евенти“ кои се одржуваат во кафе барови, кога единствената разлика е во работното време, а ние да не можеме да работиме иако секоја година плаќаме лиценци и сме специјализирани за тоа. Во летниот период се дозволија одржување на настани и работа на летните дискотеки по што се покажа дека со почитувањето на соодветни протоколи, работата на летните дискотеки, воопшто немаше удел во покачување на бројките на новозаразени, што директно укажува на фактот дека ние не сме причинители на ширењето на заразата, додаде Арсовски.